ДУИ си доби приватно министерство за прослави без маски
Свеченото отворање на новата зграда во која се всели Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците го искористи првиот вицепремиер Артан Груби со сите владини функционери на ДУИ да му организира роденденска прослава на партискиот лидер Али Ахмети.На фотографијата се гледа дека ниту еден од функционерите не носи заштитна маска, ниту е на потребната дистанца .Лидерот Ахмети пак, ги почестил сопартијците со торта.
Владата ја купи оваа зграда во вредност од 14 милиони евра која ја изгради Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, а вчера таму со својата работа започна министерството под водство на Груби.
Не е првпат сепaк вицепремиерот Груби да ги отстапи своите владините простории на партискиот лидер, иако досега повод беа средби на Ахмети со други политичари. Не е случајно ни тоа што вакви настани се организираат само во кабинетите на Груби, кој на својот профил на Фејсбук има повеќе фотографии од лидерот на ДУИ отколку од свои активности – интервју на Ахмети, докторирање на Ахмети, борбата на Ахмети во ОВК, средба со Ахмети, тој како седи со Ахмети, како оди со Ахмети, како стои и гледа во Ахмети, за да се знае како и со какви заслуги стана прв вицепремиер Албанец.
Она на што реагира јавноста е фактот дека очигледно од страна на ДУИ не се почитуваат мерките за корона вирусот и што државните институции ги третираат како партиски.