ДУИ и честиташе на Шекеринска, и натаму молк од државниот врв
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) упатува најискрени честитки до Радмила Шекеринска по повод нејзиното именување за заменик генерален секретар на НАТО.
Ова е голем успех не само за г-ѓа Шекеринска, туку и за Република Северна Македонија, која преку ова именување ја потврдува својата посветеност на евроатлантските вредности и стандарди.
Како партија која отсекогаш го поддржувала евроатлантскиот пат на нашата држава, оваа значајна постигнување го гледаме како признание за заедничките напори на сите граѓани на Северна Македонија.Шекеринска е одличен пример за професионализам и посветеност и уверени сме дека ќе ја претставува нашата земја достоинствено на оваа висока функција, стои во честитката на ДУИ.
Државниот врв инаку намерно го „преспа“ овој државен успех бидејќи сега Македонија има втор човек во Алијансата, само 4 и пол години по добивањето на членство во НАТО.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова досега не честиташе на својата колешка од политичката сцена. Иако во инаугуративниот говор во мај, говореше дека ќе се залага за повеќе жени во политиката и на функции, назначувањето на Шекеринска во НАТО не го спомнува веќе втор ден. Безбедноста и надворешните односи се едни од главните обврски на претседателот на државата.
Премиерот Христијан Мицкоски, на 26-ти јуни оваа година, само неколку часа по изборот на Марк Руте за генерален секретар на НАТО, упати честитка до холандскиот политичар. Веста за назначувањето на Шекеринска е од вчера и се уште е главна вест на веб сајтот на НАТО, но честитки или нотификација за успехот на државата, од Илинденска и од Министерството за одбрана, досега не стигнаа.
И собранискиот претседател Африм Гаши, иако е во посета на НАТО, не објави ништо на службениот ФБ профил. Гаши заедно со собраниска повеќепартиска делегација е во посета на Алијансата, меѓу другото, остварил средба со актуелниот заменик генерален секретар на НАТО Борис Руге ( на чие место наскоро ќе седне Шекеринска). Гаши ја почнал посетата со прием кај амбасадорот Дане Талески кому мандатот му истекува во јануари, а Силјановска минатата недела му потпиша указ за отповикување. Гаши беше во седиштето на НАТО, но не нотифицираше дека негова колешка од државата е избрана на втората позиција во Северно атлантската алијанса.