ДУИ и Алијансата во втора пресметка за седум општини
ДУИ води во четири, а Алијансата во три општини, но ништо не може да биде заклучено со сигурност. Горка пилула за Алијансата во Тетово – стигна само до третото место во трката за градоначалник
Наспроти сите нејзини очекувања Алијансата за Албанците не освои ниту едно градоначалничко место во првиот круг на локалните избори. Таа беше најблиску до славење во Гостивар и Дебар, каде на нивните кандидати им требаа помалку од сто гласови. Во Гостивар на Арбен Таравари (според коригираниот извештај на ДИК) му недостигаа 96 гласа за победа во првиот круг, а во Дебар на Беким Поцеста само 26.
Тоа се двете од седумте пресметки во кои Алијансата ќе оди во вториот круг против главниот конкурент ДУИ. Од останатите пет во четири предност има ДУИ, од кои поизразена е во Боговиње, Чаир и Теарце со 10, 12 и 15 проценти, додека во Струга таа предност е 6 отсто. Алијансата води уште во Врапчиште со 7 отсто.
Како ќе се наосочат гласовите на другите партии од албанскиот блок и пред сѐ на гласачите на СДСМ засега е прилично непозната работа.
Алијансата за Албанците доживеа едно о најголемите разочарувања во Тетово, каде нејзиниот кандидат Вулнет Мурсели стигна само до третото место со сериозно заостанување. Во Тетово се случи едно спектакуларно изненадувања на локалните избори со освојувањето на второто место на лидерот на Беса, Билал Касами, кој заостанува само 642 гласа зад актуелната градоначалничка Теута Арифи од ДУИ.
Овде СДСМ е во најкомплицирана ситуација – би требало да даде поддршка на еден од двајцата коалициски партнери. Со Беса направи коалиција за изборите, а со ДУИ за владата. Кандидатот на СДСМ таму освои 2.373 гласови (6,19%), но прашање е дали голем дел од тие гласови и да се прелеат кај едниот или другиот кандидат ќе бидат доволни за победа. Клучот е во големиот број гласови на кандидатот на ДПА (исто партнер во владата) и сериозната бројка на кандидатката на Интегра.
Доколку ДУИ ги загуби Тетово и Гостивар тоа ќе биде сериозен удар за гордоста и престижот на партијата, иако во неделата навечер ти покажуваа победничка еуфорија. ДУИ во првиот круг победи во три општини – Липково, Сарај и Пласница, онаму каде што однапред се знаеше дека ги имаат добиено изборите.
Сигурно е дека уште од денеска е почната потрагата по гласови, и на оние што излегоа и на оние што не излегоа. Плус треба да се мотивираат гласачите да излезат на избирачките места за две недели во местата каде и онака апстиненцијата е голема. (Н.В.)