ДУИ бара истрага против директорот на МЕПСО по загубениот спор со „Енергоинвест“


Фото: Б. Грданоски

 

Демократската Унија за Интеграција бара итна истрага против Бурим Латифи, генерален директор на МЕПСО по загубениот спор со босанската компанија „Енергоинвест“ за изградбата на далноводот за поврзување со Албанија. ДУИ тврди дека Латифи е прв братучед на Изет Меџити и дека поради него и меѓународната одлука Македонија треба  да плати 6 милиони евра штета

„Тоа е директна последица на неговите одлуки. Латифи ја раскина постојната договорна обврска со компанијата ‘Енергоинвест’ од Сараево и ја замени со ‘Елнос БЛ’ од Бања Лука, компанија тесно поврзана со мрежата на интереси на Милорад Додик. Меѓународниот трибунал ДАБ, кој работи според правилата на ФИДИК, ги отфрли сите барања на МЕПСО во вредност од 19,3 милиони евра и му признал на ‘Енергоинвест’ право на 6 милиони евра, кои ќе излезат од државниот буџет од џебовите на граѓаните.
ДУИ констатира дека Бурим Латифи, именуван на чело на стратешко државно претпријатие врз семејна и политичка основа, донел одлуки кои директно го оштетиле јавниот интерес и воведиле компанија поврзана со Додик во критичната енергетска инфраструктура на држава членка на НАТО“, велат интегративците во своето соопштение.

ДУИ од Јавното обвинителство бара итно покренување на кривична постапка против Бурим Латифи за злоупотреба на службена положба и оштетување на државниот буџет, бара целосна ревизија на сите договори потпишани за време на неговиот мандат и итно суспендирање на договорот со „Елнос БЛ“.