Државјанин на Косово приведен како осомничен за подметнување пожар во подрумот на Општина Тетово
Teтовската полиција привела едно лице кое се сомничи дека го подметнало пожарот во подрумот на општина Тетово.
Вчера во 20.15 часот на улица „Маршал Тито“ во Тетово, бил уапсен 38-годишниот Б.Р. од Косово кој имал привремен престој во Скопје. Тој се сомничи дека претходниот ден го подметнал пожарот во подрумските простории на општина Тетово.
Лицето било задржано во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок по член 288 од Кривичниот законик.
И градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами вчера обелодени дека пожарот кој избувна во подрумските простории на општина Тетово бил намерно предизвикан и ова го потврдиле и безбедносните камери.
-Дефинитивно се сомневаме дека намерата овде е дека се работи за фантомско лице, односно без документи, кое подолго време се движело во регионот. Се сомничи дека се работи за лице кое е од Косово и нема никакви документи или македонско државјанство. Се сомневаме дека е соодветен профил да се злоупотреби за вакво дело бидејќи се работи и за палење документи кои се од последните избори кои се оштетени, изјавил Касами.