Државата ќе помогне да се поправи пласманот на УКИМ на Шангајската листа


Фото: Б. Грданоски

Државата може да помогне, но и универзитетите треба да видат што може да направат, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со најновото рангирање на Шангајската листа според кое Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) падна за 27 места надолу.

Ковачевски најави средба со ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски и порача дека нашите универзитети треба да овозможат школување не само на домашни, туку и на странски студенти.

-Универзитетите во нашата држава се независни во спроведувањето на своите образовни и истражувачки политики и секако од критериумите врз основа на коишто се прави оценувањето и од тоа што имаат сите универзитети поединечно направено зависи и рангирањето на самата Шангајската листа. Во однос на тоа дали државата може да помогне, да, може да помогне, рече премиерот.

Тој дополни дека и самиот доаѓа од академската сфера.

-Секако дека ќе одржам состанок со ректорот на УКИМ со кого подолго време се познаваме за да можеме да видиме што е тоа што Универзитетот, односно универзитетите бидејќи нашата држава нема само еден универзитет државен, туку има повеќе, може да направи, а што е тоа што самите универзитети можат да го направат во однос на унапредувањето на работењето и истражувањето и секако искачувањето на Шангајската листа и дополнително да станат место во кое ќе се образуваат не само студенти од РСМ, туку и студенти од странство, бидејќи трендот во високото образование е глобализирање на високото образование. Голем број на наши талентирани студенти одат на универзитети во светот и секако дека напорот на нашата држава и на сите вклучени во сферата на образованието, посебно во високото образование, треба да биде и странски студенти да доаѓаат и да се школуваат на универзитетите во нашата држава, истакна Ковачевски.