Државата им должи 100 милиони евра на земјоделците за субвенции

Во прашање се и субвенциите за годинава: за јачменот и пченката лани беа 19.000 денари по хектар, годинава само 13 илјади. Субвенцијата за сончогледот лани беше 16.500 денари по хектар сега е 13.500 денари


Година по година земјоделството оди само надолу (Фото: Марјанчо Цветкоски)

 

БИТОЛА – На државата ѝ се потребни 100 милиони евра за да исплати заостанати и тековни субвенции кон земјоделците за да се закрепне аграрот. Субвенциите се рентабилни само доколку се навремено исплатени, а не земјоделците самите да вложуваат од една во друга реколта само за да опстанат. Ова е само еден од проблемите што ги тишти земјоделците, за кој јавно зборуваа и испратија пораки до Министерството за земјоделство и Владата на средбата во четвртокот во Прилеп. Субвенции чекаат сточарите, тутунарите, градинарите…

Само за пример, пред два дена беа исплатени субвенции за 2023 и 2024 година „Плата за овчари“ –  околу 34 милиони денари за 43 овчари во државата.

Негативниот тренд во земјоделието се потврдува и со исплатата на субвенции за 2025 за 48 млади за мерката „Млади земјоделци“ во износ од 17,8 милиони денари. Земјоделците коментираат дека ако државата поддржува само педесеттина млади кои решиле да останат во секторот имаме сериозен проблем.

Земјоделците ја отвораат и дилемата колку Македонија ќе успее да произведе домашна храна во вакви услови и во ситуација кога на Блискиот Исток започна војна?

„До 31 декември 2025 година Министерството должи 2 милијарди и 400 милиони денари, односно 39 милиони евра кон земјоделците. Сега сме на прагот да се исплаќаат субвенциите за тутун, треба да се исплатат 33 милиони евра… каде е тука градинарството, пчеларството, плус дополнителните мерки за предадени производи во преработувачки капацитети. Значи над 100 милиони евра до овој момент. Барањето е Владата да си се снајде и да почне исплатата на субвенциите“,порача Миле Кебакоски од здружението „Фармери Југозапад“ на средбата на земјоделците во Прилеп.

Земјоделците велат дека државата без стратегија, со увоз на земјоделски производи му штети на домашното производство.

Најдрастичен е примерот со пченицата, на земјоделците им остана родот непродаден оти мелничарите увезуваат брашно од соседството.

„Пченицата нема шанса да опстане, се увезува брашно секојдневно. Има земјоделци кои ја чуваат пченицата и не можат да ја продадат. Не можат ниту да се пазарат за цена. Едноставно никој не ја бара оти се увезува брашно. Бараме државата да интервенира да ги услови тие што увезуваат брашно да биде килограм за килограм. Ако откупи 100 тони пченица да може да увезе и 100 тони брашно. Или други услови, оти вака ние не можеме да опстоиме, ние плаќаме даноци, наесен сееме а кога ќе дојде летото друг ни продава во државата. На пример, наесен парите од пиперките ги давам за да посеам пченица, а во летото не сум зел пари од пченицата, сум ја продал за 10 денари од килограм, тука нема пари ни за проста репродукција“, се пожали Кебакоски. 

Земјоделците се децидни дека владата треба да ја повлече новата програма за субвенционирање на земјоделците оти вака како што е скроена со условување ќе го дозапусти земјоделството.

Тие велат дека во секоја ставка има грешки и бараат да се врати програмата од 2025 година. Наведуваат дека годинава на производителите на пченица по хектар ќе им се исплаќа субвенција од 18 илјади денари, а лани таа сума била 19 илјади денари. Драстично намалување има кај јачменот и пченката, лани 19 илјади по хектар, годинава 13 илјади по хектар. Субвенцијата за сончогледот лани беше 16.500 денари по хектар сега е 13.500 по хектар. Кај тутунот од 100 денари субвенцијата за прва класа се намали на 80 денари по килограм. Кај кравите од 12 илјади денари по грло на 8 илјади денари…

„Бараме да се промени програмата за директни плаќања и да важи онаа од лани. Не се согласуваме и околу условеното субвенционирање бидејќи има некои критериуми кои не можат да ги исполнат поситните земјоделци. Посебен проблем е сточарството каде сточарите за малку не можат да ги задоволат условите за да земат субвенции“, рече Ѓорги Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Сточарите велат ако Македонија сака да го зачува сточарството треба да го следи примерот на Србија.

„Во Србија субвенцијата е 500 евра за крава, а кај нас 8 илјади денари. Таму е 9 денари по литар премија за млекото дадено во откупни центри кај нас е 6 денари за литар. Од Србија ни увезуваат млеко, а кај нас ја рушат цената. Државата треба да стави граница и да нѐ заштити оти сточниот фонд се намалува. Во Могила порано имаше крави во 500 куќи, сега само во 13 и од нив четири се поголеми фарми. Ќе бидеме задоволни државата барем да прифати 20 проценти од нашите барања“, вели Борче Бучински, сточар од Могила.  

На средбата со сточарите оваа недела, директорката на Платежната агенција Даниела Иротова им кажа дека само прашање на денови е реализацијата на исплатата на субвенциите за 2025 за мерката сточарство, додека за заостанатите субвенции за 2023 и 2024 година средствата ќе се исплатат по административните проверки и одобрување од Трезорот за што има обезбедено пари. Пред Нова година за 2024 година од 2.200 одгледувачи на овци само 800 го исполнуваа условот за да земат субвенции за предадени јагниња во кланични капацитети, другите извисија.

„Барањата за 2025, ни се во процес на обработка. На Агенцијата не ѝ требаат повеќе од 5 до 7 денови да ја изработи таа мерка и да ја пуштиме во Министерство за финансии. Вкупниот износ е околу 1 милијарда денари за поголем број сточари. Има средства во Буџетот, нема проблем, но сточарите треба да бидат свесни дека имаме неисплатени средства за 2024, што е надвор од фискалните рамки на одобрениот Буџет за 2026 година. Ќе се потрудиме во рамки на предвидените средства да ги исплатиме сите заостанати обврски и луѓето кои имале проблеми во 2022 и 2023 година“, им кажа Иротова на сточарите.

Земјоделците деновиве се жалат дека во време кога треба да ги ораат нивите и да започнат со пролетната сеидба се соочуваат со недостиг на нафта и бараат од владата тоа да го обезбеди.

„Овие денови од почетокот на војата на Блискиот Исток преку педесеттина сточари и земјоделци се пожалија до нашето здружение дека не им било дозволено да наточат поголемо количество нафта за претстојната пролетна сеидба. Беа враќани од бензинските пумпи и им дозволуваа да наточат нафта во туба или колку што собира во резервоарот на тракторот. Како може земјоделец кој со тракторот дошол 50 километри до бензинска пумпа да наточи нафта само во тракторот? Фактички имаме голем проблем. Потребна ни е зелена нафта за да можеме да работиме. Ако цената на нафтата се покачи преку ноќ ќе биде опасно за земјоделците и сточарите,“ предочи Тони Петковски, претседател на здружението „Пелагониско поле“