Државата ги удри нафтените компании по џеб: казна од речиси една милијарда евра


Италијанскиот регулатор на пазарот објави дека им изрекол вкупна казна од над 936 милиони евра на водечките нафтени компании поради картелскиот договор при одредувањето на цените на горивата.

Истрагата е покрената врз основа на извештај од информатор, а ги опфаќа компаниите Eni, Esso, Ip, Q8, Saras и Tamoil, додека Iplom и Repsol се ослободени од санкции, објавува Sole 24 Ore.

Според соопштението, Eni е казнет со 336,2 милиони евра, Esso со 129,3 милиони, Ip со 163,6 милиони, Q8 со 172,6 милиони, Saras со 43,8 милиони, а Tamoil ќе мора да плати 91 милион евра.

Регулаторот утврди дека од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2023 година, споменатите компании се координирале со цел да ја усогласат вредноста на биокомпонентите вклучени во цената на горивото, што е законски задолжителна ставка.

Вредноста на таа компонента се зголеми од околу 20 евра за кубен метар во 2019 година на приближно 60 евра во 2023 година.

Според заклучоците од истрагата, картелскиот договор доведе до паралелни и речиси идентични зголемувања на цените, заедно со размена на информации меѓу компаниите.