Државата бара начин како да се справи со таксите за гас од Бугарија
Не оспоруваме различни тарифи или такси во Бугарија. Ние го оспоруваме само делот на количините што треба да се ослободат во гасоводот, вели министерот Бектеши
Правни тимови во Министерство за економија и во НОМАГАС ги разгледуваат можностите за поведување правна постапка против воведување на такса за гас од страна на Бугарија, најави денес министерот за eкономија, Крешник Бектеши. Покрај ова, како опција е барање за обесштетување за разликата во цената која би ја плаќала земјата и берзанската за природниот гас, а која не е мала и изнесува дваесетина отсто.
Министерот Бектеши денеска рече дека преку НОМАГАС, која е целосно во сопственост на Министерството за економија, веќе е доставен допис до Енергетската заедница и до Европската комисија, како и директно до компанијата „Булгартрансгас“ за да ја преиспитаат нивната одлука во делот на количините со кои се снабдува Македонија.
„Да бидам многу прецизен и јасен за граѓаните, претходната година ние со поддршка на нашите стратешки партнери обезбедивме дополнителни количини на гас од околу 180 милиони нормални метри кубни, но нашата потрошувачка е околу 400 милиони нормални метри кубни. Ако се воведе такса за гас кој доаѓа од Руската Федерација, тогаш треба да се ослободат количините кои ги закупил ‘Гаспром’ во интерконекторот со што нас како држава ќе ни се овозможи на слободен пазар да бараме други извори во делот на снабдувањето со природен гас“, изјави денес Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања пред учеството на ФМЦГ самитот во Скопје, нагласувајќи дека Министерството за економија нема да отстапи од ставовите во делот на снабдување со природен гас од Бугарија.
Како што посочи Бектеши, топланите во земјата веќе се снабдуваат со природен гас од други извори и согласно информациите од утринава, моментално тие користат азербејџански гас кој е микс и со ЛНГ (течен природен гас) од САД.
Но, проблем е што целокупната потрошувачка на гас во земјава не се однесува само на топланите, туку одредени компании користат природен гас, па воведување на таксата за гас од страна на Бугарија сигурно негативно ќе влијае во делот на нивните оперативни и во делот на намалување на конкурентност, доколку Бугарија не ги ослободи количините.
„Тоа е и нивна обврска согласно директивите на Европската комисија. Освен дописите ние ќе почнеме и правна постапка против таа одлука“, категоричен е Бектеши.
Тој појасни дека како држава ќе се бара отштета или од Бугарија или од Европската комисија за да се покрие разликата која ја имаме моментално околу 20 отсто во делот на природниот гас во однос на берзанските цени.
„Правниот тим во Министерството за економија во соработка со НОМАГАС ги разгледуваат сите можности да се отвори таква правна постапка, ако треба и меѓународна“, вели Бектеши.
Инаку, денес бугарскиот претседател Румен Радев поднесе жалба до Уставниот суд на Бугарија со барање одредбите од Законот за контрола на спроведувањето на рестриктивните мерки во поглед на дејствијата на Русија кои ја дестабилизираат ситуацијата во Украина – да бидат прогласени за неуставни. Тие наметнуваат „енергетски придонес“ за увоз на руски природен гас во Бугарија, како и за негово пренесување во Европа преку територијата на земјата. Воведениот надоместок е 20 лева за мегават час за пренос на гас преку Бугарија.
„Не сакам да коментирам внатрешни одлуки на Бугарија и што би направил нивниот претседател, премиер, нивен министер или не знам кој. Ние како соседна држава на Бугарија имаме договори за регионална соработка. Освен тоа, ние сме задолжени како што е и Бугарија, да ги почитуваме директивите на ЕУ“, рече Бектеши одговарајќи на прашањето како го коментира потегот на Радев.
Тој појасни дека гасоводот од Бугарија кон Македонија има капацитет од 800 милиони нормални метри кубни. Никогаш не се случило, откако е ставен во функција, да надмине искористеност повеќе од 430 милиони нормални метри кубни.
„Кога имаме вакви податоци обврска е на ‘Булгартрансгас’ слободните количини да ги објави на тендер, на аукции, согласно директивите на Европската унија кои ние целосно ги почитуваме“, вели Бектеши.
Тој додава дека е внатрешна работа на Бугарија дали ќе воведува такси од 10 евра, 20 или 100 евра, и тоа не се оспорува.
„Ние го оспоруваме само моментот на количините кои се закупени од страна на ‘Гаспром’ долгорочно до 2030 година, а не се користат од страна на Македонија и Бугарија и тие да бидат ослободени. Ако во случај тоа да не се прави од страна на бугарската влада или нивните институции секако ќе чекаме на изградбата на новиот интерконетор (Петрич – Струмица – н.з.), бидејќи немаме намера да градиме интерконектори што би се закупиле со децении“, вели Бектеши, додавајќи дека како држава сакаме да имаме пазарна економија каде што секоја година ќе има аукции и тоа што ќе го каже пазарот, тие трговци и снабдувачи да добиваат на тендерите. На таков начин би добиле поповолна цена на гасот како за граѓаните, така и за индустријата во целина.
Бектеши не гледа задна намера кон нашата земја во одлуката на Бугарија, бидејќи одлуката не се однесува само на Македонија, туку се однесува на транспортот на природен гас, што значи и кон Србија и Унгарија и во други држави на Европската унија. Сепак, како што нагласи, случајот со Македонија е различен заради тоа што Република Бугарија во минатото дозволила на една компанија да закупи 100 отсто од капацитетите, што не е случај тоа да го направи со Грција или со Србија.
„Затоа, не оспоруваме различни тарифи или такси. Ние го оспоруваме само делот на количините што треба да се ослободат и врз пазарна основа да имаме можност да најдеме други извори на снабдување, ако во случај изворите каде што се наведени такси да се поскапи“, вели Бектеши.
Бугарија од 13 октомври воведе вонредна енергетска такса за пренос и транзит на руски природен гас низ нејзината територија во износ од 20 лева/mWh. Целта, како што објаснија тамошните власти, е да се направи помалку профитабилно за „Гаспром“ испораката на гас преку Бугарија.
„Новата давачка е целосно во согласност со целите на ЕУ за намалување на зависноста од руските фосилни горива. Бидејќи повеќето од договорите на Гаспром се одредуваат на местото на испорака во одредена земја, мала е веројатноста дека давачката ќе има влијание врз цените на гасот надолу. Ова само ќе го намали профитот на Гаспром“, коментираше минатата недела бугарскиот министер за финансии Асен Василев за Фајненшл Тајмс, кој објави дека бугарската влада ја известила Европската комисија за промените, пренесува бугарски Медијапул.
Изградбата на нов гасен интерконектор Петрич – Струмица беше меѓу темите за кои се разговараше на работната група за инфраструктура, транспорт и енергија во март минатата година со учество на тогашниот министер за енергетика на Бугарија Александар Николов и министерот Бектеши.
На истата тема:
Радев ќе тужи пред уставниот суд за таксата за трансфер на руски гас