Дробњак: Ако ја остварите реформската агенда, ќе исполните 60 отсто од преговорите

Секој народ има моменти кога мора да избере меѓу удобна стагнација или храбри промени, порача Мицкоски додавајќи дека Македонија сега е соочена со тоа


Поранешниот главен преговарач на Хрватска за ЕУ и актуелен советник на македонската влада за евроинтеграцијата, Владимир Дробњак, порача денес дека ако се оствари Реформската агенда поврзана со планот за раст на ЕУ, најголем дел од нашата работа ќе биде завршен, поточно, дури 60 отсто од бенчмарксите на Унијата за преговори ќе бидат постигнати однапред.

Во недостиг на решение за билатералниот спор со Бугарија (бидејќи постигнатото не го прифаќа ВМРО-ДПМНЕ, а ново не успева да испреговара) Дробњак порача дека не треба да се губи време туку да се оствари реформската агенда кој,а според него, не е само рамка за ЕУ членство туку и за трансформација на државата. Без да каже конкретно што чека нашата влада, Дробњак на некој начин навести дека се чека да поминат изборите па да се решава политичката блокада, но на моменти даде и поширок простор – во смисла ние да оствариме колку што е можно повеќе од реформите и на крајот, кога ќе се создадат услови да се реши спорот, поглавјата брзо да се отворат и затворат. Тоа на некој начин би била одложената примена на уставните измени што ги бара владата, а никој официјално не и ги дава, но така нема гаранција за процесот. 

Како и да е Дробњак денес, на промоцијата на придобивките на Реформската агенда во владата, како проект  на шведската, швајцарската амбасада и Министерството за евроинтеграција, порача дека 2030 година треба да ни биде ориентација за реформите и дека дотогаш се очекува да ги завршат преговорите  Албанија и Црна Гора. Големи шанси тоа да го постигне има и  Молдавија каде што работат сега нашите главен и заменик главен преговарач за ЕУ, екс министерот Бојан Маричиќ и  Дрита Абдуи Халили – бидејќи во Македонија процесот стои. 

На настанот се обрати и премиерот Христијан Мицкоски ставајќи акцент на состојбата со судството и обвинителствата. Тој притоа оцени дека секој народ има моменти кога мора да избере дали да остане во удобната стагнација или ќе се соочи со потребата од длабоки и храбри промени.

„Државата е токму во еден таков момент – на раскрсницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина“, рече Мицкоски кој се приклони на европската реторика со оценката дека „Планот за раст и Реформската агенда не се само услов за интеграција туку и  инструмент за оздравување на нашето општество“.

„Интеграциите и растот се наш компас, но реформите мора да бидат наши одлуки, наши политики, наше национално зреење“, рече Мицкоски пред да ја отвори темата на корупцијата во македонија која ја нарече системски проблем, а не индивидуална девијација. 

„Да бидеме отворени и искрени – корупцијата кај нас не е само појава, таа е дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството. Таа е систем кој се штити сам себе. Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст мора да го урнеме тој систем.Имаме наследени ситуации во кои граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден да „плати за да добие“ – било тоа лекарска помош, правна заштита или некаква административна услуга. Таква држава не може да напредува. Уште позагрижувачки е што институциите што треба да се борат против корупцијата – обвинителството и судството – често пати се неми, неефикасни или пак, под политичко влијание.Реформите во правосудниот сектор се најитни. Без нив, сите други реформи се безвредни. Нема европско општество ако: Обвинителот бира по кого ќе отвори предмет, а по кого ќе премолчи;Судот носи пресуди по избор на политички центри, а не по Устав и закон; Граѓанинот ја губи довербата дека ќе добие правда“, рече Мицкоски.

Затоа тој ги престави како цел целосната деполитизација на судството, заштитата на обвинителите и судиите од политички и бизнис притисоци и воспоставувањето на поинакви
механизми за надворешен надзор и отчетност.

„Вистинска, а не формална поддршка на институциите за борба против корупцијата“, оцени Мицкоски, додавајќи дека паралелно треба да се работи и на екомомијата. 

„Ниту една држава не се развива само со институции – потребна е економија што функционира. Затоа Реформската агенда и Планот за раст мора да оди рака под рака со поддршката на домашните претприемачи, привлекување на странски инвестиции, но и фер пазар каде нема да има монополи, нема фаворизирани играчи и нема административни бариери за реалниот човек.Европа бара конкурентност, но и социјална одговорност. Тоа значи иновации, но и правични плати. Тоа значи раст, но и заштита на работниците.Време е да носиме одлуки, не да одложуваме“, заклучи Мицкоски. 

На крајот тој оцени дека „историјата нема да не суди по тоа што сме го кажале, туку по тоа што сме го направиле“.

„Не ни требаат на нас дополнителни стратегии, ветувања. Ни треба искреност, доследност и спроведување. Ни треба нов однос кон правдата, кон правото, кон државата.Нека нè води мислата на Робер Шуман:„Европа ќе се изгради преку конкретни постигнувања кои прво ќе создадат солидарност.“Време е за такви постигнувања, рече Мицкоски.

Министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани рече дека Реформската агенда е концептуална рамка  за дефинирање на идниот развој на државата, преку владеењето на правото, зелената транзиција, дигитализација и јакнење на човечкиот капитал , но суштинско е дали таа ќе стане реалност или само реформа на хартија, порачувајќи дека „иднината не се случува, туку се гради“.

„Реформската агенда не е само документ. Таа е концептуална рамка за редефинирање на институционалната логика на државата како и начин да се премостат системските празнини меѓу законот и правдата, меѓу политиката и јавниот интерес, меѓу економските политики и човечкиот развој“ – рече Муртезани.

Запрашан од новинарите дали доцнат реформите, Муртезани одговори:

„Сите реформски чекори што беа со краен рок декември веќе се испратени до Европската комисија и таа има рок од  90 дена да утврди дали се исполнети. За оние реформи за кои рокот е јули 2025 година се координираме на дневна основа. Засега нема точно индиции каде би се доцнело, но динамиката за одредени закони може дополнително да се забрза за да влезат во предвидените рокови. Реформите во судството и обвинителството бараат поголем општествен  консензус, а тоа значи дека бараат повеќе време за да се усогласат. Тоа не  значи доцнење заради недоволна координација туку тие процеси по природа апсорбираат повеќе време. И за Европската комисија и за нас ова е нов процес и учиме во тек.Затоа, за сите реформски чекори што нема да завршат навреме има 12 месеци грејс период“ .

Шведската амбасадорка Ами Ами Ларсон Џаин рече дека Шведска останува партнер на Македонија  во процесот заедно со амбасадата на Швајцарија и дека Реформсаката агенда е рамка за создавање попросперитетно општество. (С.Јовановска)