Драстично намалени бројките на смртност кај предвремено родени бебиња


Бројките за смртност кај предвремено родените бебиња е намалена од 25% на 8%.

Здравствените работници ги потенцираат современите технологии, подобрата опрема и стручност на медицинските лица како причина за позитивниот тренд..

-На предвременото породување до некаде влијаат социоекономските и демографските фактори, како што се возраст на мајката, националност, некои навики во однос на пушење, користење алкохол, брачната состојба, вработеност-невработеност, сиромаштијата многу влијае. Тоа се фактори на кои може да се делува, едукација, превенција, подобар третман, подобар пристап до лекување, подобар пристап до матичниот гинеколог и подобра обука за текот на следењето на бременоста – вели д-р Денис Алхалили, педијатар и претседател на Здружението на бремени жени, мајки и деца „Лулка“.

Бројот на предвремени породувања, според Алхалили сосема очекувано расте со оглед на тоа што постојано расте бројот на ин витро оплодувања кои ги зголемуваат близначката бременост и бременоста со тројки, кои само по себе се индикација за предвремено породување.

-Освен близначката и бременоста со тројки, многу важен фактор за предвремено породување е и возраста на мајките. И таа се зголемува, подоцна се одлучуваат за раѓање, подоцна стапуваат во брак. Од тука многу значаен фактор за предвремено породување е и социјално-економската состојба. Велиме дека прематуритетот е социјална категорија оти многумина имаат послаб пристап до медицинската нега – смета Алхалили.

Здружението „Лулка“, во периодот од 10-ти до 17-ти ноември, ќе организира донаторска недела наречена „Родителска прегратка, моќна терапија“. Собраните средства ќе се насочат за средби и групи за поддршка за семејства кои имаат предвремено родени деца.