Драмски со „Плејбои…“ на 40. фестивал „Град театар“ во Будва
Од 30 јуни до 23 август на локации во Стариот град, се одржува 40. јубилеен фестивал „Град театар“̶Будва (2026).
НУ Драмски театар Скопје со претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ, вечерва и утревечер ќе учествува на најголемиот сценско-музички фестивал во Црна Гора. Претставите ќе бидат изведени во Стариот град на летната сцена Помеѓу црквите со почеток во 21 часот.
Претставата „Плејбои…“ е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградско драмско позориште, Местно гледалишче, Љубљана и продукцијата на „Град театар“̶ Будва. Во претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценограф), Александар Ношпал (костимограф), Владимир Пејковиќ (композитор) и Дамир Клемениќ (сценски движења).
Јубилејниот фестивал на „Град театар“ ̶Будва потврди дека додека повеќето медитерански градови се натпреваруваат кој ќе привлече повеќе туристи, Будва веќе четири децении докажува дека постои и поинаков вид публика со сериозни очекувања и внимателно изграден вкус, онаа публика која патува за да проследи врвна уметничка продукција.Организаторите во 55 фестивалски денови подготвија повеќе од 68 изведби од драмската, музичката и ликовната уметност како и десетина литературни читања и претставувања на поети и уметници значајни за регионот, но и на оние кои се присутни на светската уметничка сцена.
Ивана Лазовиќ, в.д. директорката на ЈУ „Град театар“,зборува за тоа како фестивалот го променил идентитетот на Будва, трансформацијата на Будва од туристичко место во град кој е препознатлив и како културна дестинација. Таа вели: „Клучниот столб на културниот идентитет на Будва е фактот што и по 40 сезони не се откажавме од идејата богатото историско и амбиентално наследство на градот да се стави во функција на уметноста и да се внесе нов живот во улиците на Стариот град.Директорката Лазовиќ истакнува дека:„Уметноста им припаѓа на историски амбиенталните улици и плоштади,зашто токму автентичноста ја гледаме како најголема вредност на фестивалот во време кога културата сè повеќе станува глобална“ и додава: „Вечерите на ‘Град театар’ ̶Будва, имаат свој ритуал̶ кога дневниот ритам на Стариот град опкружен со камените ѕидини се смирува, откако ќе заврши денот на плажа во овој медитерански град, публиката поминува низ камените порти на градот кадешто фестивалските настани се одржуваат под ведро небо, следени од звукот на морските бранови веднаш зад ѕидините. Ноќе, камените плоштади се исполнуваат со публика и уметници од различни земји на светот — глетка што ја дефинира Будва уште од првиот фестивал“.
Јубилејот се прославува во сезоната кога Будва за првпат беше домаќин на Самитот на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА), на кој повеќе од 200 директори на фестивали од 44 земји разговараа за иднината на европската култура. За градот кој фестивалот го градел меѓу плоштадите, црквите и ѕидините на Стариот град, тоа претставува потврда дека некогашната летна сцена одамна ги прераснала рамките налокален настан и станала важна точка на европската културна мапа.
Освен на сцената во Будва, претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ по минатогодишната премиера, се играше 18 пати и тоа на летните фестивали во Охрид на „Охридско лето“ и на Бриони во Хрватска, а повеќекратни изведби минатата сезона беа организирани во рамките на сите изданија на регионалниот фестивал РУТА.