Драмски со „Гидионовиот јазол“ ја отвора сезоната и учествува на фестивалот „Ристо Шишков“


Претставата „Гидионовиот јазол“ ја отвора сезоната на матичната сцена на Драмски театар Скопје на 9 септември во 20 часот, а веќе на 11 септември претставата се игра во Струмица во рамките на програмскиот дел на 33. издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ што годинава се одржува од 8 до 13 септември во НУЦК „Антон Панов“.

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски Попова е претставата работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова – Петровска.

Улогите ги играат актерите: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски, Јоанис Далајоргос.

Режисерка Драгана Милошевски Попова во програмската белешка истакнува дека: „Претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за  родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник“.

Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.

По одличниот прием  на претставата „Гидионовиот јазол“ на матичната сцена, ова е втор настап надвор од земјата по учеството на фестивалот РУТА во Сараево.