Драматично до крај: Македонија и Португалија играа нерешено
Хернинг – Нерешени 29:29 на дуелот на македонските ракометари против Португалија во дуелот од второто коло. Ова е првиот бод за нашите ракометари во групата.
Македонските ракометари имаат два гола негатива по првиот дел од вториот натпревар на Европското првенство против Португалија – 13:15. Натпреварот во првиот дел беше дури 11 пати со нерешен резултат, а кон средината на полувремето македонските ракометари поради три исклучувања имаа шест минути играч помалку, а Никола Маркоски доби и црвен картон во 15.минута. Во неколку наврати Португалија во напад играше и „7 на 6“. Голем проблем за нашиот тим во вториот дел може да биде и повредата на Иван Џонов во 26.минута и неизвесно е дали ќе биде во игра во второто полувреме.
Почетокот на вториот дел беше во знакот на Португалија која поведе и со 18:13, а по тајм аутот на Лазаров македонските ракометари намалија на два негатива (20:22). Негативата на противникот повторно се зголеми, но македонските ракометари не се предаваа и постојано вршеа притисок на противникот и ја намалуваа предноста на Португалија, а со голот на Серафимов во 55.минута прв пат изедначивме во вториот дел. До крајот се играше гол за гол, а последниот напад на Португалија траеше премногу долго, а во тие моменти голманот Мартин Томовски имаше две одбрани за конечни 29:29. На крајот штета само што нашите ракометари не добија шанса за напад и евентуална победа.
Кузмановски со 15 голови беше најефикасен на натпреварот.
За пласман во следната фаза ќе ни биде потребна математика за да стигнеме на второто место во групата.
Македонските ракометари во првиот дуел загубија од Данска со 24:36 и имаме негатива од 12 гола, додека Португалија по првиот дуел има +6 .
Во последното коло (во вторник) противник ни е Романија и за пласман на второто место ќе треба да имаме висока победа, а притоа Данска да стигне до убедлив триумф против Португалија.