Драмата од Брисел се пресели во Скопје: Димитров си заминува, Заев останува?


Различни информации од различни места пристигнуваат денеска откако стана јасно дека Македонија нема да добие датум за преговори за влез во Европската унија.

Постои огромно разочарување во владата, од каде сметаат дека направиле сѐ што било побарано, па дури и се согласиле на промена на името на државата, а за возврат не го добиле ветеното од Брисел.

Според извори од владеачката партија, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров размислувале и за оставки, но во моментов сѐ уште траат разговорите и убедувањата.

Една од опциите е Заев да остане, а политичката цена за неуспехот во Брисел да ја плати Димитров, кој на својот „твитер“ напиша дека најмалку што можела ЕУ да направи е да биде искрена кон нас и праша дали одбиеницата од Брисел значи дека не го почитуваат и Преспанскиот договор за името со Грција?

Бугарскиот премиер Бојко Борисов утрово изјави дека синоќа имал долг разговор со Заев и го убедувал да не си дава оставка.