Драган Тилев: Измените во заклучоците на ЕУ се во наша штета

Секогаш постои опцијата да не ги прифатиме условите од преговарачката рамка ако тие се неповолни за нас, вели државниот советник за европски прашања


Во овој момент заклучоците имаат формално и симболично значење, но ќе би лошто ако тие влезат во преговарачката рамка

 

Државниот советник за европски прашања во СЕП, Драган Тилев, вели дека во последните заклучоци на ЕУ за проширувањето има и добри и лоши вести.

Добрите се во тоа што ЕУ конечно се консолидираше и успеа да постигне едногласност за проширувањето кон Западен Балкан, а лошите што Бугарија успеа дел од своите билатерални барања да ги пренесе на ниво на ЕУ.

„Лошата вест е што измените на заклучоците во последен момент (во нашиот дел) е несомнено на наша штета. Бугарија успева полека да го пренесе фокусот од историските (привидно) на прашања за заштита на човековите и малцинските права и да ги внесе потребните елементи во заклучоците на Советот кои потоа ќе им ги олеснат внатрешните ЕУ преговори околу финализирање на текстот на Преговарачката рамка. Да потсетам, тоа е клучниот политички документ кој се усвојува со едногласност (не со консензус) помеѓу земјите-членки, и не се преговара со нас. Тоа е унилатерален документ на ЕУ кон кој Европската комисија ќе мора да се придржува во преговорите со нас“, пишува во својата реакција на Фејсбук Тилев, кој е еден од најупатените во европските прашања во државава.

Тој вели дека секогаш стои опцијата ние да не ги прифатиме условите од преговарачката рамка доколку тие се крајно неповолни за нас, и да одбиеме преговори. „Тоа би бил единствен случај во историјата на ЕУ и убеден сум дека ЕУ (ниту Бугарија) не би сакале да нѐ доведат во таква ситуација. Тоа би бил и најголемиот пораз на политиката на проширување, за кој сум убеден дека нема да се случи“. Преговарачката рамка на ЕУ треба да ја одобрат земјите членки, но и земјата кандидат.

„За жал, ние не сме присутни на масата за да ги одбраниме нашите интереси директно,и ќе мора да се надеваме на доследноста на останатите 26(25) земји членки, секако и да се бориме со последиците“, вели Тилев.

Според него, во овој момент заклучоците имаат формално и симболично значење, но може да играат голема улога во форкулирањето на преговарачката рамка. Тилев нагласува дека таа не е технички документ, туку документ од највисока политичка важност со кој се дефинираат условите под кои ЕУ ќе не прими во полноправно членство. „Преговарачката рамка е скелетот на пристапните преговори и на идниот пристапен договор за членство во ЕУ“, нагласува тој.

Тилев вели дека немаме друга алтернатива освен да продолжиме со обидите да ги започнеме (и завршиме) преговорите. „Барем до следниот јуни кога треба да видиме во која насока ќе се придвижи процесот на проширување, кон полноправно членство или кон ‘помалку’ од членство“, нагласува тој.