ДР Конго е подготвен да склучи договор со САД „минерали за безбедност“


Претседателот на Демократска Република Конго, Феликс Чисекеди во интервју за „Фокс њуз“ истакна дека неговата земја е подготвена да биде партнер со САД во договор „минерали за безбедност“.

Тој наведе дека таквото партнерство ќе му овозможи на ДР Конго да ископува и преработува важни минерали во корист на американските компании, како и да ја зајакне својата одбрана и безбедност.

ДР Конго поседува големо рудно богатство, вклучително кобалт, литиум и ураниум. Но, земјата повеќе години се бори со бунтовниците од движењето 23 март (М23).

Чисекеди наведе дека САД би можеле да воведат санкции или да вршат други форми на притисок врз вооружените групи кои предизвикуваат немири.

М23 поддржано од Руанда контролира големи делови од провинцијата Северен Киву, богата со ресурси, но го напаѓа и градовите во Јужен Киву.

ДР Конго ја обвинува Руанда за поддршка на М23, а Кигали негира. Но, Руанда има распоредено војници и ракетни системи во источниот дел на ДР Конго, како што тврди поради своја безбедност.

Движењето 23 март е една од околу стоте вооружени групи кои се борат во источниот дел на ДР Конго, регион богат со минерали. Бунтовничката група главно е составена од членови на етничката заедница Тутси. Конфликтот во источниот дел на ДР Конго трае повеќе децении за земјиште и ресурси. Во земјата пред повеќе од две децении распоредени се мировни сили на ОН, а во моментот имаат околу 14.000 војници.