ДПМ: Од оставки до вонредни избори?
ДПМ е формирано и постои за да се слушне гласот на македонскиот писател, а не за да се пригушува, напиша Иван Антоновски на својот фејсбук-профил
„ДПМ во моментов е приватна фирма, трговец-поединец која без грам совесност и самокритичност ја игнорира неопходноста од темелни промени и реконструкција. Вонредни избори за спас на достоинствотото на Друштвото!“, порача писателката Фросина Пармаковска преку Фејсбук, по оставките на осум писатели од членство во претседателството на организацијата, кое брои девет членови.
И Иван Антоновски се огласи преку својот фејсбук-профил. Тој вели дека ДПМ е формирана во 1947 година за да се слуша гласот на писателите, а не да се пригушува.
„Од формирањето во 1947 година па наваму, Друштвото на писателите на Македонија не еднаш се соочувало со проблеми и премрежиња. Ама никогаш претходно во историјатата не било доведено до ова дереџе заради „приватизирање и манипулирање“, како што беше нагласено во една од неотповикливите оставки.
„Веќе се покажува како недостатно и недоволно членовите на Друштвото да решаваат за својата дејност главно на годишните собранија или на некои од ретките пленарни состаноци, а управите да ја водат не само тековната работа, туку и да заземаат став за оние прашања што ја претставуваат политиката на Друштвото во целост.“ Ова го има кажано еден од оснивачите на ДПМ, Ацо Шопов, во 1965 година.
Но, денес, на членовите на Друштвото, не ни се дозволува да решаваме ниту на годишно собрание или на ретки пленарни состаноци, затоа што претседателката на Собранието, Кристина Николовска, откако е на таа позиција, ниту еднаш не го има свикано Собранието. Иако, Статутот на ДПМ предвидува дека седница на Собранието се свикува најмалку еднаш годишно.
Во некои други времиња, во ДПМ имало и некаква идеолошка комисија. Ама ниту тогаш, ниту во времето потоа, не се случило барем формално да не се даде можност во македонската писателска асоцијација да се слушне гласот на македонскиот писател. А сега се случува! Со тоа се гази по достоинството на членството – македонски писатели. Ама се гази и по влогот на оние што го формирале ДПМ со првиот претседател Блаже Конески и по влогот на сите оние кои во ДПМ пред нас вложиле дел од себеси. Затоа што ДПМ е формирано и постои за да се слушне гласот на македонскиот писател, а не за да се пригушува! ДПМ е на македонските писатели и не е фирма во приватна сопственост за некој да може со месеци да ни ја затвора вратата на ДПМ и да нè деградира. Однесувајќи се кон нас и како да не постоиме!, напиша Антоновски.
Писателот пак, Петар Андоновски, како и Пармаковска, побара избори во писателската организација и ново раководство, и ги поддржа писателите кои поднесоа оставки во претседателството. Живко Грозданоски вели дека единствено нешто што останува е да биде свикано Генерално собрание и да се избере ново, легитимно раководство.
„Секоја друга активност на и во ДПМ отсега па натаму би била отворено самоволие…важно е да се потенцира дека најголема грешка што кој било член на ДПМ сега може да ја направи е да го напушти Друштвото“, вели Грозданоски.
Славе Ѓорѓо Димоски напиша: „Треба комплетно распуштање на раководството и на ДПМ и барање нова форма на здружување.
Писателите Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска ги поднесоа оставките на 4 октомври. Во соопштението објавено од писателите по тој повод, во петокот, тие се заблагодаруваат на членството на ДПМ за укажаната доверба дадена на редовните избори што се одржаа во мај 2022 година, а на Друштвото на писателите на Македонија му посакуваат плодна и успешна работа.
Неотповиклива оставка од членството во Претседателството на ДПМ во петокот поднесе и книжевникот Бранко Цветкоски, заради како што наведе, непочитување на статутот на Друштвото и приватизира ње и манипулирање на тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на Претседателството од страна на актуелниот претседател на ДПМ пистаелот Христо Петрески.
-Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството, наведе Цветкоски во писмениот допис до медиумите.
Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Христо Петрески денеска преку соопштение во целост ги отфрли, како што наведува, сите невистини и инсинуации изнесени во јавноста од страна на членови на Претседателството.
-Целокупното работење на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија од Изборното собрание до денес е водено според Статутот на Друштвото на писателите на Македонија. Сите одлуки за активностите на Друштвото на писателите на Македонија се поставени на седници и верификувани од страна на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија .Пополнувањето на испразнетите места со нови членови во Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија се вршело и се врши според листата на добиените гласови на Изборното собрание на Друштвото на писателите на Македонија. За работата на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија постои архивирана и верификувана соодветна документација, се наведува во реакцијата.
Воедно, се посочува дека Друштвото на писателите нема да биде инволвирано во пропаганди и притисоци кои се штетни за македонските национални интереси кои задираат во идентитетот и македонскиот јазик, литература и култура.