ДПМ избира претседател меѓу пет кандидати
Редовното изборно Собрание на Друштвото на писателите на Македонија е закажано за 1 јуни во 11 часот, кога писателите ќе изберат нов Статут, претседател, Управен одбор и Суд на честа.
Како што соопштуваат од ДПМ, за функцијата претседател на ДПМ во предвидениот рок, кандидатури доставиле петмина членови: Живко Грозданоски, Весна Дамчевска Илиевска, Јордан Ѓорчев, Мирче Нешовски и Југослав Петровски. Според Статутот, за претседател ќе биде избран оној кандидат што ќе добие најголем број гласови од присутните активни членови на редовното изборно Собрание.
На состанокот била донесена и одлука за промена и измена на Статутот на ДПМ од 2011 година, којшто би стапил на сила веднаш по усвојувањето од страна на Собранието.
– Согласно член 7 алинеја а од актуелниот Статут на ДПМ и пред сè, согласно одлуката донесена од страна на Управниот одбор на ДПМ на 15.4.2024 г., претседателот на ДПМ сите ангажмани околу редовното изборно Собрание му ги препушта на потпретседателот на ДПМ и редовното изборно Собрание го отвора потпретседателот на ДПМ, се појаснува во соопштението.
Воедно, од УО на ДПМ упатуваат апел до сите свои активни членови да учествуваат на изборното Собрание за избор на ново раководство.
-УО на ДПМ ги повикува сите свои активни членови да учествуваат на изборното Собрание на 1 јуни со цел да се избере ново раководство, нов Статут на Здружението, т.е. да се обезбеди континуитет на најстарото и најзначајното здржение на писатели во земјата.