Довербата во судството не оди надолу, барем според анкетата на ИРИ

Целосна или делумна поддршка во судството имаат 23 отсто од граѓаните, што е на речиси истото ниво од ланската анкета на ИРИ


 

Откако поранешната американска амбасадорка, Кејт Брнз, во март годинава, повикувајќи се на анкета направена од Институтот „Евротинк“ рече дека довербата на граѓаните во судството е 8 отсто, тој податок стана алфа и омега во објаснувањето на состојбите во оваа сфера. Тој податок беше од стандардното истражување на „Евротинк“ наречено Еврометар кое беше презентирано во ноември 2021. Според тоа истражување, 4 отсто имаат целосна доверба во во судството и обвинителството, а 4 отсто делумна.

Кога во април 2021 истиот институт претставуваше едно друго истражување соопшти дека довербата во судството била 13, а во обвинителството 14 отсто. Очигледно дека за половина година нешто се променило во перцепцијата на граѓаните за тоа во каква состојба се наоѓа целиот правосуден систем.

Анкетите на ИРИ (што генерално во јавноста се земаат за истражувања на кои најмногу им се верува) од декември 2021 и октоври 2022 покажуваат поголема доверба во судството и обвинителството од оние на „Евротинк“. Дури и според годинашнава анкета пораснал за еден процент бројот на оние што целосно му веруваат на судството. Во 2021 година на судството целосно му верувале 3 отсто, а делумно 21, што ја прави позитивната перцепција со 24. Во 2022 целосната доверба е 4 отсто, а делумната 19, заедно 23, што е речиси исто како лани.

И кај обвинителството има мало подобрување во перцепцијата, лани целосна доверба имале 2, а годинава 3 отсто, а вкупната доверба во 2021 била 25, а во 2022 21 отсто.

Наспроти многу новински извештаи дека годинашнава анкета на ИРИ покажала натамошно стрмоглавување на довербата во судството (во кои се посочува бројката 4 отсто, а тоа не е точно затоа што очигледно намерно или со прилично незнаење се извртуваат податоците). Но тоа не е никаква утеха за цедлиот правосуден систем, особено по последните одлуки на скопска Апелација за укинување пресудите за двата клучни предмети за негалното прислушување, кои предизвикаа од една страна гнев, а од друга очај кај граѓаните.

Оние што најмногу критикуваат за состојбите во судството – политичките партии во истиот сегмент од истражувањето на ИРИ се на самото дно, претпоследни. Ним целосно им веруваат само 4 отсто, а делумно 23. Во истиот базен со мала доверба е и парламентот – целосна доверба 4 отсто.

Кога се посматра целото истражување во овој сегмент за довербата во институциите се гледа дека банките и година се на врвот на довербата со 13 отсто (плус 43 проценти делумна доверба). По нив следат образовните институции, општинските власти, здравствените институции. Разликата меѓу целосната доверба меѓу опозицијата и владата од 9:6 лани годинава дојде на 8:7 (со тоа што заедно со делумна доверба опозицијата е со неколку процентни поени поголема поддршка). (Н.В.)