Доста е со „миење раце“ околу ветото на Бугарија, вели политикологот Огњан Минчев

Најлошата можна опција е непромисленото отфрлање на францускиот предлог со површни пропагандни аргументи, вели Огњан Минчев


Огњан Минчев

 

Познатиот бугарски политиколог Огњан Минчев вели дека тамошните политички структури не треба лесно да го отфрлат францускиот предлог за начинот како да се крене ветото на Софија за македонија и дека треба тој внимателно да се анализира. Иако за тоа речиси и да нема време. Денеска попладне амбасадорите на ЕУ се среќаваат во рамките на форматот КОРЕПЕР во Луксембург, за потоа за излезот од ќор-сокакот да се решава во Советот за општи работи на ЕУ. Францускиот предлог конечно стигна во Комисијата за надворешни работи на бугарското собрание, но, барем досега, не е јасно кога ќе почне да се расправа за него. Утре почнува расправата за недовербата на владата на премиерот Кирил Петков, а во среда е гласањето за неа.

Минчев на својот Фејсбук профил вели дека „секој предлог од ваков тип има силни и слаби страни во однос на интересите на засегнатите страни. Неопходно е да се процени кои се силните страни на предлогот што ни доаѓа како официјален став на Брисел и што би понудиле како негова адаптација. Најлошата можна опција е непромисленото отфрлање на предлогот со површни пропагандни аргументи – како што веќе е направено на чалгиско ниво“.

Според него, брзото отфрлање на францускиот предлог е во корист на политички кругови кои со децении се хранат со скандалот Софија-Скопје. „Оценувајќи го предлогот, бугарските политичари мора да бидат свесни за најмалку две работи. Прво, дека неговото несериозно отфрлање со површни аргументи долгорочно ќе ја еродира и ослаби бугарската позиција за случајот со Македонија во заедницата на ЕУ. Второ, бугарското медицинско одбивање ќе отвори нови простори за пропаганден успех на Скопје во меѓународната интерпретација на случајот. Тој ќе ги зајакне и позициите на антибугарската опозиција во РСМ, која веќе изрази жестоко отфрлање на каков било компромис со Бугарија. Непотребно е да се каже дека сето тоа ќе го продлабочи долгорочниот ќор-сокак во билатералните односи меѓу Софија и Скопје, од кој имаат корист сили со алтернативи на бугарските интереси.

Внатрешната политичка криза во Бугарија ќе генерира силна желба кај целата политичка класа да ги ‘измие рацете’ без да се изложува на непопуларни одлуки. Но, во политиката нема бесплатно ‘миење раце’ – сметката со камата ќе дојде подоцна“, заклучува Огњан Минчев.