Донесен е Правилникот за позитивната листа на лекови на товар на Фондот
Донесен е новиот Правилник за ставање лекови на позитивна листа, кој се базира на европските пракси во оваа област вклучувајќи ги тука и посебните договори што ќе овозможат достапност на иновативни лекови за нашите пациенти.
Формирана е стручната комисија која го утврдува предлогот на листата на лекови на товар на Фондот за здравство осигурување, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Фатмир Меџити.
Оваа комисија, наведе министерот, континуирано ќе работи на изменување и дополнување на Позитивната листа на лекови и верувам дека конечно после долг период ќе воспоставиме функционален систем со цел задоволување на потребите на пациентите со соодветни терапии.
Комисијата е составена од експерти во оваа област, односно претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински средства, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од универзитетските клиники, кои се доктори-специјалисти од различни области на медицината и фармацијата, појасни министерот.
Верува дека фармацевтските компании веќе ја подготвуваат потребната документација за да одговорат на барањата на Правилникот и дека во блиска иднина ќе пристигнат и првите апликации.
Претседателот на стручната комисија, професор доктор Љубица Шутуркова изјави дека после 13 години повторно се има можност да се ревидира листата и се надева оти ќе имаме поголема достапност во ограничените македонски ресурси за здравство што ги имаме.