Дончевски и Панчев се простија од Васил Рингов
Веста за заминувањето на Васил Рингов длабоко го потресе фудбалскиот свет, а денес со емотивно писмо се огласи и човекот кој најдобро го познаваше неговиот карактер и лидерство, неговиот тренер и пријател, Андон Дончевски.

„Повеќе од големо фудбалско име“
За Дончевски, Рингов не беше само играч во формацијата, туку десната рака на теренот во времињата кога Вардар беше страв и трепет низ цела Југославија.
„Васил Рингов за мене секогаш ќе биде повеќе од големо фудбалско име. Имавме среќа да соработуваме заедно, јас како тренер, а тој како капитен во време кога апсолутно доминиравме. Можевме да го гледаме на терен мирен и сигурен, а во исто време решителен и храбар, со застрашувачки удар и прецизен центаршут“, пишува Дончевски.
Од Крушево до врвот на Југославија
Популарниот Дончо се присетува на самите почетоци, кога Рингов пристигна во Вардар како засилување од Тетекс, во моменти кога клубот се бореше во Втората лига. Уште тогаш, на подготовките во Крушево, било јасно дека Вардар добива лидер кој ќе ја промени историјата.
„Уште тогаш се гледаше дека станува збор за фудбалер од посебен калибар кој ќе го преземе товарот и ќе го врати Вардар онаму каде што заслужува да биде. Верував дека тој го постигна еден од најважните голови за Вaрдар, иако чудно со глава, гол што значеше многу повеќе од резултат“, се потсетува легендарниот тренер.
„Таквите луѓе не се заменуваат“
Писмото завршува со порака која ја отсликува големината на Рингов не само како спортист, туку и како човек кој остави неизбришлива трага во срцата на навивачите и колегите.
„Таквите моменти не се забораваат. Таквите луѓе не се заменуваат. Почивај во мир, Василе. Честа беше да соработуваме, да те гледаме и да те паметиме. Вечна ти слава“.
Една ера на македонскиот фудбал заминува со Рингов, но спомените на славниот капитен и неговите голови ќе живеат вечно во архивите на „Градски“ и во раскажувањата на генерациите кои растеа со неговите мајстории.

Дарко Панчев, уште едно големо име на македонскиот фудбал, се прости од Рингов.
„Васе, не е фер… Сè уште не можам да поверувам. Не напушти прерано. Се договаравме за
четврток, за онаа наша традиционална предновогодишна вардарова дружба со Томче, Пепи,
Мето, Драган…, а сега остана само празнина. Ќе ни недостасуваш. Ќе има голема празнина во
нашите седенки, спортски муабети, досетки и анегдоти“.
„Беше еден од најдобрите напаѓачи во осумдесеттите во екс-ју лигата. Заедно во Вардар
бевме, веројатно, најопасниот тандем во еден период. Не напушти, но зад себе остави
огромна фудбалска трага и големо спортско богатство за Македонија. Нека ти е лесна земја,
а вечната слава веќе ја имаш.“