Дончев: Не го блокиравме влезот на „Диаверум“ само предупредувавме


Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, денеска на прес-конференција, рече дека немало никаква злоупотреба во врска со шведската компанија “Диаверум“, за што пред два дена беа поднесени кривични пријави за спречување влез на странската компанија.

Кривичните пријави беа поднесени од поранешната сопственичката на „Диамед“, Вера Иванова што ја продала на компанијата на „Диаверум“, против Дончев и министерот за здравство Венко Филипче.

– Во интерес на пациентите, кои заслужуваат квалитетна дијализа, беше избрана компанија со најдобра понуда. Нема никаков криминал, ниту попречување за влез на компанијата „Диаверум”, со која не сум имал директен контакт, туку само две писма до шведската амбасада, рече директорот на ФЗОМ , Ден Дончев на прес-конференција во Владата.

Дончев децидно отфрли дека поради други причини, освен предупредување до „Диаверум“ од Шведска за да се внимава со инвестицијата бидејќи против претходниот концесионер се преземени предистражни дејства поради нејаснотија во сопственоста на „Диамед“.

– Немаше никаков обид од Државата да се блокира влезот на „Диаверум Шведска“ во „Диамед“. Централниот регистар уредно го префрли уделот од Вера Иванова и „Смарт Холдинг Дубаи“ на „Диаверум“, а таа компанија веќе десет месеци стопанисува со „Диамед Македонија“ – рече Дончев, кој смета дека тврдењата на Вера Иванова дека е нанесена каква било штета кон државата или буџетот е небулоза.

– Единствени вистински добитници од оваа трансакција се Вера Иванова на чија сметка легнаа 2.5 милиони евра тука и 9те милиони евра во Монако. Секако дека сите странски инвеститори се добредојдени во Република Северна Македонија. Но, треба да сме свесни дека во овој случај станува збор за трансфер на сопственост од македонски до странски сопственици. Притоа претходните сопственици на „Диамед“ се стекнале со концесија издадена под сомнителни околности на лица кои директно или индиректно беа во врвот на самата власт. Доколку судски се утврди ова, претставува злоупотреба на службена положба и овластување на некои од највисоките носители на тогашната власт – додаде Дончев.