Донација од Здружението на жени менаџерки „Елит“ на пунктот за бездомници „Момин Поток“


 Храна за 75 бездомници, топла облека, витамини, прекривки, постелнини, чаршафи, вреќи за спиење, перници, средства за лична хигиена, лекови за наредните два месеца, донираше Здружението на жени менаџерки „Елит“ во пунктот за бездомници „Момин Поток“.  

-Секоја подадена рака значи почит и достоинство кон секој човек, затоа што само човек со достоинство е човек, порача претседателката на „Елит“ Ленка Угриновска.

Жените менаџерки му доделија награда „Големо срце“ на тимот на Црвениот крст кој секојдневно е на пунктот за бездомници Момин Поток и му искажа огромна благодарност што во изминатите 15 години неуморно се грижи и спроведува хумана мисија.

Координаторката на тимот на Црвениот крст, Драгана Лазаревска, заблагодарувајќи му се на Здружението на жени менаџерки „Елит“ порача дека секоја помош и поддршка за нив е мотив плус и охрабрување дека нивната упорност е препознаена.

Таа информираше дека здравствената-ковид кризата која предизвика и економска криза повеќе од двојно го зголемила бројот на бездомници, па така од 90 бројот на бездомни лица се искачила на над 170. Тимот посакува оваа бројка да се намалува, но и што поголем број на луѓе кои имаат можности да помагаат, затоа што, како што велат, поради неподадена рака најчесто од најблиските, луѓето најмногу страдаат.  

-Здружението на жени менаџерки „Елит“ ќе продолжи со своите хумани акции во знак на почит кон Олгица Илоска жена менаџерка, која не е веќе меѓу нас втора година, но нејзината хумана мисија продолжува да живее и преку наградата „Големо срце“ и преку секој искажан добар збор, велат од здружението.