Донација од Грција за прилепската градинка „Гоце Делчев“


Школски прибор, храна и сокови донираа грчките компании во земјава преку амбасадата на Република Грција во Скопје и преку конзулатот од Битола за децата во прилепската градинка „Гоце Делчев“.

Костадинос Прокакис од грчката амбасада во земјава рече дека донацијата е симболична, ама е најава за соработка.

-Донацијата е мала и симболична, но битно е што ја покажува добрата волја меѓу двата народа и двете земји, а најбитно е да им донесеме радост на децата од градинката. Како земја, ќе се обидеме што побрзо Република Северна Македонија да влезе во Европската заедница и тогаш, најверојатно младите ќе добијат подобри шанси да останат во земјата. Тоа се случува во повеќе места и земји. Голема радост е што се најдовме овде во градинката. Покажуваме колку сме расположени за соработка и за унапредувањето на пријателството. Соработката ќе продолжи на повиско ниво и на поголеми донации. Според дипломатијата која ја застапуваме многу е битно луѓето од двете земји да се поблиски и да соработуваат. Може да соработуваме во обуки и на економски план, во областа на туризмот, изјави Прокакис.

 

Оваа е прва донација од Грција за прилепските градинки и соработката ќе продолжи.

Марија Преловенѕу, претставник од „Веро-џамбо“ нагласи дека се подготвени да помагаат и да донираат.

– Ја претставувам фирмата која овде опстојува речиси 26 години. Сметаме дека она што им го донесовме на децата во градинката, ќе ги израдува. Има моливи, пенкала, блокови, тетратки и верувам сето тоа ќе ги израдува децата. како компанија сме блиски до граѓаните и секогаш сме подготвени на донирање, рече Преловенѕу.

И Димитрис Вергитис, сопственак фирма „Кандиа“ за маслиново масло ја нагласи подготвеноста да се помогне и за соработка.

– Во Северна Македонија сме три години и овде е пријателско опкружувањето. Со нашава посета и донација сакаме да помогнеме колку што треба. Донесовме симболична донација за да покажеме добра волја и соработка со Прилеп, рече Вергитис.

Христина Трпческа, директорка на прилепските градинки „Наша иднина“ напоменува дека веќе една година советот на родители на градинката до амбасадите во земјава упати порака за соработка. Преку испратените детски цртежи.

– Сето започна минатата година по иницијативата на Советот на родители во градинката „Гоце Делчев“. Дечињата обоија цртежи и со барања за донирање ги испратија до странските амбасади во земјава и до поголемите компании. Досега на повикот се одѕва словенечката, кон крајот на минатата година, а оваа година ја започнуваме со соработката со грчката амбасада во Скопје и со грчкиот конзулат во Битола. Во оваа пригода се заблагодарувам. Со оваа симболична донација се покажува дека сакаат да соработуваат со нас и колку-толку да ги подобрат условите во градинките за да предизвикаме насмевки и среќа кај децата, рече Трпческа на пригодната свеченост во прилепската градинка „Гоце Делчев.