Донација од 13.500 тестови доби државава од Кралството Норвешка

 Донација од 13 500 брзи тестови доби државава од Кралството Норвешка. На примопредавањето на донацијата во кругот на Воено-медицинскиот центар во Скопје присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче и одбранбениот аташе на Кралството Норвешка, Егил Далтвејт.

– Кога станавме членка на НАТО кажавме дека од тој момент веќе не сме сами. И ова што денеска го правиме ја потврдува таа вистина. Во период од само две, три недели од пристигнувањето на важната НАТО подршка во форма на 60 респиратори и дополнителна опрема денеска добиваме значајна донација од еден од нашите постојани поддржувачи, а сега сојузник во НАТО, Кралството Норвешка. Како резултат на нашата одлична соработка во делот на одбраната ние во последниве месеци веќе добивме поддршка во форма на медицински материјал кој се користи во Воено медицинскиот центар, но ова денеска ги надминува границите само на Армијата, истакна Шекеринска.

Денеска како резултат на оваа поддршка од Министерството за одбрана на Кралството Норвешка, посочи министерката, добиваме 13 500 брзи тестови кои веднаш ќе значат подобрување на нашата работа ефикасност и сигурност и во армијата, но и во државата.

Таа потенцира дека од нив, 3500 брзи тестови ќе ги искористат за потребите на зголемена безбедност на припадниците на Армијата и ќе овозможат тестирање на тие кои функционираат во група.

– Така на пример сите кандидати кои учествуваат на курсот за подофицери кој се организра во Армијата уште во недела ќе бидат тестирани пред да заминат на учество на овој курс. Истото правило ќе го почитуваме и при упатување во мисија и при организирање поголеми вежбовни активности. Со тоа ќе ја зголемиме безбедноста на припадниците на Армијата и ќе го намалиме замавот, кој го има корона кризата. Главниот дел од тестовите ќе биде наменет за поддршка на сите наши граѓани. Затоа членството во НАТО не е само членство во воен сојуз, туку и членство во воено-политички сојуз каде ги споделуваме истите вредности, каде потврдуваме дека заедно сме посилни. Не поминаа три недели од нашето барање еден дел од средствата да ги искористиме за овие брзи тестови, а ние веќе ја имаме целата пратка тука во Скопје, рече Шекеринска.

Оваа одбранбена соработка, нагласи таа, ја развиваме и во други делови, како што претходно беше мобилната болница пред Инфективната клиника, поддршка на заеднички вежбовни активности.

– Сега одиме еден чекор понапред. Од почетокот на следната година хируршки тим на Армијата на Република Северна Македонија ќе се приклучи на Норвешката болница, додаде министерката Шекеринска.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека мобилната болница до Инфективната клиника  на почетокот на годинава се постави во рекорден рок и беше подготвена и тогаш да прими пациенти. а сега на тоа место е модуларната болница. Посочи дека повторно е целосно подготвена и мобилната болница од страна на Министерството за одбрана, но засега нема одлука дека треба да се активира со оглед на тоа што добро се менаџираат болничките капацитети.

После прогласувањето на кризната состојба, потенцира, целосно се ставени на располагање и човечките капацитети на Воено-медицинскиот центар и од понеделник 12 доктори и 20 медицински сестри се приклучуваат во работа во Скопје на одделенијата на Инфективната клиника и интерните одделенија во третманот на пациентите со Ковид-19. Филипче рече дека тоа е огромна помош и поддршка, имајќи предвид дека сите спцијалисти од областа на интерната медицина, сите инфектолози се посветени на третман на пациенти со Ковид.

– Оваа конкретна помош е многу значајна. Брзите тестови веќе во една одредена количина како донација ги добивме во Министерството. Сега ја почнуваме и нашата постапка за набавка. Значајно го олеснија пристапот на пациентите кон тестирање, како и процесот на движење на пациентите во болничките установи заради тоа што ваков брз тест значи дека за 15 минути ќе се знае дали пациентот е позитивен и по која патека ќе треба да се лекува во болничките установи, рече Филипче и се заблагодари за донацијата.

Одбранбениот аташе на Кралството Норвешка, Егил Далтвејт рече дека ова е доказ за вистинското пријателство.

– Не поминаа само две недели откако министерката ми се јави и побара поддршка и ние успеавме да организираме ваква поддршка во рок од две недели. Ова се брзи тестови за детектирање на Ковид – 19 и тие не претставуваат замена на PCR тестовите мегутоа се голема поддршка во справувањето со Ковид. Втората иницијатива која сакам да ја истакнам е соработката на полето на воената медицина. Ние и досега сме соработувале меѓутоа од почетокот на следната година ќе учествуваме заедно како дел од норвешката полска болица во Авганистан, која ние планираме да ја инсталираме оваа зима, истакна Далтвејт.

Додаде дека тој придонес кој ќе го даде Министерството за одбрана со учеството на хируршкиот тим во рамките на Медицинската болница во Авганистан е навистина добродојден и за мене не постои подобар и поискрен гест на пријателство од тоа да ги испратите вашите мажи и жени да служат заедно во една борбена зона во рамките на друга мисија раководена од норвешки офицер.