Домашното задолжување е поевтино: Бесими објасни зошто се зголеми лимитот преку државни хартии од вредност


Даваме можност за подобра реализација на плановите поврзани со фискалната стратегија. Се остава простор доколку треба да обезбедиме депозити на крај на година за да ја одржиме макроекономската стабилност да можеме да реагираме и на домашниот пазар, покрај на меѓународниот, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, појаснувајќи ја владината одлука со која се зголемува максимално дозволениот износ на задолжувањето преку државни хартии од вредност на домашниот пазар.

Одговарајќи на новинарско прашање Бесими рече дека е клучно што Буџетот и номинално гледано останува на исто ниво во однос на растот и во однос на дефицитот. 

-Тие се плански проекции што се ставаат во Буџетот што даваат можност за подобра реализација на плановите што се поврзуваат со фискалната стратегија, рече Бесими, потсетувајќи дека веќе е обезбеден пакет од 600 милини евра по програми од меѓународни финансиски институции.

Прашан зошто се оди со опцијата на домашниот пазар  во услови на другите поевтини извори за финансирање потенцираше дека тоа е план за крај на година на дефицитот и оти тоа моментно е поевтино и од меѓународните финансиски институции кои се поврзани со еурибор што е над 4 проценти. На домашниио пазар  задолжувањето е под тој процент, односно домашното задолжување е поевтино.

-Тоа е направено плански за дa ги имаме фискалната консолидација  и макроекономските компоненти на ниво со кое што ќе ја задржат макроекономската стабилност, а во исто време нема да чинат многу за буџетот. Значи со релокацијата нема зголемување на дефицитот, нема зголемување на расходите, рече Бесими. 

Мораме, истакнува министерот, да имаме простор да најдеме во која рамка може да се движеме.  Во однос  на задолжувањето тоа е рамка во која ние може да се движиме во  управувањето на јавниот долг.  Тоа што е важно за граѓаните е дека дефицитот остана ист и со релокацијата на средства расходите не се зголемуваат. Се прави релокација на средства за да се адресираат сите работи кои се случија во меѓувреме, пораст на платите во јавниот сектор, обезбедување  средства за лекови во здравство, пензии и други работи, рече Бесими, кој учествуваше на  настанот Erste Investors Breakfast.

Инаку, Владата со одлука од 10 октомври го зголеми износот на задолжување. Како што е наведено во долуката, повикувајќи се на член од Законот за јавен долг, Владата на седницата одржана на 10 октомври 2023 година донесе Одлука за изменување на одлуката за утврдување на максималниот износ на нето-задолжување, преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2023 година.

„Во Одлуката, зборовите 21.535.000.000 денари (околу 350 милиони евра) се заменуваат со зборовите 30.920.000.000 денари (502 милиони евра)“, се наведува во владината одлука. 

Претходната одлука за лимитот на нето-задолжувањето преку државни хартии од вредност на домашниот пазар е од крајот на декември лани, кога било утврдено задолжувањето кај домашните кредитори преку издавање на државни хартии од вредност да изнесува најмногу 350 милиони евра.