Долниот дом на американскиот Конгрес одобри 1.900 милијарди долари за економијата


Претставничкиот дом на САД одобри огромен пакет за ублажување на ефектите од коронавирусот во вредност од 1,9 билиони (1.900 милијарди) долари.

Неговото усвојување беше поздравено од Демократите како акт што ќе поттикне финансирање на имунизацијата, ќе ја олесни работата на администрацијата и ќе им помогне на милиони семејства погодени од смртоносниот вирус.

Четири дена откако бројот на жртвите од Ковид-19 надмина 500.000 луѓе во САД, значајната финансиска мерка, поддржана од претседателот Џо Бајден, е упатена на разгледување во Сенатот следната недела.

Предлог-законот, кој беше одобрен со 219 наспроти 212 гласа, вклучува одредба за зголемување на минималната плата на 15 американски долари на час.