Долговите на сите општини достигнаа скоро 100.000.000 евра 


 Само за три месеци, или на крајот од декември лани, во споредба со септември, вкупниот доспеан а неплатен долг на сите општини во државата, вклучувајќи го и Град Скопје, се зголеми за повеќе од 22.000.000 евра,  надминувајќи  90.400.000 евра. Дел од општините на квартално ниво пријавиле значаен пораст на доспеаните, а неплатени обврски.  Порталб ги рангира најзадолжените локални самоуправи и јавните комунални претпријатија.

Милионски долгови на општини и на комунални претпријатија …

Од сите анализирани општини во државата, највисок доспеан а неплатен долг во износ од 14.609.000 евра има Општина Гостивар. На новата “должничка листа“ на Министерството за финансии, оваа општина е рангирана на 8 место. Во однос на третиот квартал од 2025, или за само три месеци долгот е зголемен за 2.100.000 евра. Во првите “10 најзадолжени“  е рангирана и Општина Тетово која на крајот од декември 2025 година пријавила доспеани а неплатени обврски во износ од 13.142.100 евра што е зголемување за 3.000.000  евра во период од три месеци.

Според висината на долгот следува Град Скопје со пријавени неплатени обврски во износ од 5.646.000 евра што е за околу 800.000 евра повеќе во однос на долгот пријавен на крајот од септември, лани.

                                     Доспеани а неплатени обврски 2025

                                                              3 квартал                    4 квартал

Општина Гостивар                           12 500 000 е               14 609 000 е

Општина Тетово                               10 118 000  е              13 142 100 е

Град Скопје                                          4 833 600  е                5 646 000 е

Општина Карпош                                1 381 000 е                 5 053 000 е

Општина Кавадарци                           4 286 000 е                4 142 000 е

Извор: МФ

Скопската Општина Карпош ја заврши 2025 година  со доспеани, а неплатени обврски во износ од 5.053.000 евра што е значајно зголемување за скоро 3.700.000 евра во однос на септември 2025 година, кога долгот изнесувал 1.381.000 евра. Петта најзадолжена е Општина Кавадарци која на крајот од минатата година пријавила неплатени обврски во износ од 4.142.000 евра, но на квартално ниво овој долг е намален за 144.000 евра.  

Според висината на доспеаните долгови високо котираат и јавните комунални претпријатија формирани на локално и на централно ниво. Од овој сегмент на државниот сектор, на прво место со долг во износ од 18.270.000 евра е ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, следува ЈП „Водовод Куманово“ со Ц.О.Куманово со доспеан долг од 11.737.000 евра, а на трето место е ЈСП -Скопје со пријавени неплатени обврски во износ од 9.965.400 евра

                                     Доспеани а неплатени обврски 2025

                                            Најзадолжени комунални ЈП

 

ЈП ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА –СКОПЈЕ                        18 270 000 е

ЈП ВОДОВОД КУМАНОВО СО Ц.О.КУМАНОВО                11 737 000 е

ЈСП – СКОПЈЕ                                                                              9 965 400 Е

Извор: МФ

На крајот од 2025, вкупниот долг на сите општински јавни претпријатија изнесувал 108.030.000 евра и во однос на состојбата со септември, има намалување за 21.750.000 евра.  На истекот од 2025 долгот пак на Јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост изнесувал 274.511.000 евра, зголемен за скоро 11.000.000 евра во однос на состојбата на крајот од третиот квартал. Во октомври 2025 беа спроведени локални избори по што последните два месеци од ланската година практично се менаџира од старо-новите избрани градоначалници.