Доколку се употребува во наставата ќе нанесе непроценлива штета, велат историчарите за учебникот по историја за V одделение


Како професионални историчари и членови на Здружението на историчарите на Република Македонија реагираме по повод објавувањето на учебникот по предметот Историја и општество за V одделение во кој се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла, и се наведени повеќе погрешни информации, соопштија од Здружението на историчари на Македонија после грешките и лошите преводи во новиот учебник по Историја и општество за петто одделение.

„Поради тоа сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во XXI век, учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации“, потенцираат во соопштението.

Според Здружението, Концепцијата за основно образование, со која беше укинат предметот Историја како одделен предмет, всушност, го сведува изучувањето на историјата на ниво на поимско и фактографско учење. Со тоа, велат, историјата е ставена на маргините, со намера, евидентно, да ѝ се посветува само една тема годишно.

Во спорниот учебник како што се забележува, во Тема 2 – „Населението и за континентите“, на децата им се нуди информација дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29.305 метри.

Има и втора грешка во истиот учебник, каде што е наведено дека Македонија на исток граничи со Албанија, а на запад со Бугарија.

Автори на учебникот се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, има дури тројца рецензенти, Беса Хавзиу – Исламили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска, а стручна реакција и уредник е Орданка Мицкова. Издавач на учебникот полн со грешки е Министерството за образование и наука, а учебниот е одобрен на 3 ноември оваа година од Националната комисија за учебници.

Министерот за образование Јетон Шаќори не ја исклучува можноста и во новите учебници да има грешки, објаснувајќи дека една книга пред да биде објавена, поминува низ неколку раце, како што се рецензенти и неодамна формираниот Национален совет.

-Не значи дека и овие што сега се пуштени во оптек немаат недостатоци, но во фазите на одобрување на учебникот, рецензентите и Националниот совет се тие кои го одобруваат учебникот. Јас како министер верувам и вие знаете дека неколкупати јавно апелирав, не само за овие, бидејќи и во министерството пристигнуваат пријави. Веќе повлековме учебник по социологија, рече Шаќири во гостување на дебатна емисија.