Дојави за бомби во 16 скопски и пет основни прилепски училишта


Фото: Б. Грданоски

Нови дојави за бомби се пријавени денеска во МВР од 16 скопски и четири прилепски училишта, информираа од Министерство за внатрешни работи.

„Денеска (15.02.2023) до 14.40 часот во МВР било пријавено дека на електронските адреси на 16 училишта во Скопје и четири училишта во Прилеп е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од МВР.

Општина Прилеп јави дека дојави имало во пет основни училишта

Попледнево дојави за бомби имаше во пет основни училишта во Општина Прилеп и тоа: ООУ ,,Кире Гаврилоски – Јане”, ООУ ,,Добре Јованоски”, ООУ ,,Блаже Конески”, ООУ ,,Гоце Делчев” и ООУ ,,Страшо Пинџур”.
 
Веднаш по добиените информации за поставени бомби во овие основни училишта, сите вклучени фактори, учениците, наставниот кадар и другите вработени во училиштата брзо реагираа и беа преземени сите потребни мерки за безбедна евакуација на учениците и на сите присутни во училиштата.
 
Исто така беше известена полицијата, ТППЕ Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
 
Согласно претходно остварените координации и вежби, за среќа се помина во најдобар ред и без никакви несакани последици.
 
Безбедноста на нашите сограѓани е на прво место, остануваме во контакт и во координација со сите надлежни институции се до целосно расчистување за веродостојноста на дојавите.
Повикуваме на смиреност и почитување на пропишаните прописи, велат од Општината.