Договорот со Британија стигна во Собранието, нема детали како ќе се финансираат проектите

Името на договорот е „партнерство за реализација на инфраструктурни проекти“. Во него има клаузула за доверливост на која треба да внимаваат двете страни


Вицепремиерот Александар Николоски и британскиот министер за извоз, Гарет Томас по потпишувањето на договорот

 

Договорот што Скопје и Лондон го потпишаа неодамна денеска стигна во Собранието (откако го усвои Владата) за разгледување и усвојување во форма на предлог-закон, но во него нема некои нови детали од оние што досега не ги знаеше јавноста освем можеби за клаузулата за доверливост.

Името на документот, кој го испратил премиерот Христијан Мицкоски, не е договор за стратешко партнерство, туку за „партнерство за реализација на инфраструктурни проекти“. Во анексот А на договорот се наведува за кои проекти ќе се однесува ова партнерство за инфраструктура. Тоа е изградбата на брзата пруга од Табановце до Гевгелија (не се наведува која би била брзината на оваа пруга, ниту дали ќе биде со два колосека), и она што е ново е дека ќе има пруга и до аеродромот во Скопје.

Потоа, како новина се наведува изградба на Клинички центар во Скопје (што досега не се споменуваше), обнова на болниците во Штип и Кичево, болниците во Куманово, Битола, регионот Тетово-Гостивар и регионот Охрид-Струга. Во Анексот не се споменува она што се зборуваше – изградба на Медицински факултет во Штип и студентски дом. Зошто се направени овие измени веројатно ќе стане појасно во собраниската расправа за ратификација на договорот.

Понатаму се наведува дека предмет на договорот е програма за развој на Коридорот 8, програма за развој на капацитетите за сајбер безбедност, како и развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.

Со овој договор двете земји имаат намера да ја продолжат својата соработка во областа на инфраструктурата и притоа да се користат експертиза и знаење на британската влада и британските деловни субјекти. Според договорот, двете земји ќе работат на идентификување можности за финансирање на проекти.

Во договорот не се наведува како ќе бидат финансирани проектите. Во членот 3 се наведува дека британската влада има интерес преку Инструментот на Обединетото Кралство за финансирање на извозот (UKEF) за поддршка на проектите под услов да се „исполнети правните, политичките, финансиските и други барања за задолжителна проверка и одобрување“ и при тоа да се има предвид политиката за преземање ризик во вакви проекти.

Финансиската поддршката не смее да го надмине ограничувањето од 5 милијарди фунти.

Членот 4 е наменет за доверливоста и во него стои дека учесниците на договорот ќе ја чуваат доверливоста на информациите разменети меѓу нив. И дека учесниците ќе се информираат меѓусебно ако поради која било причина (на пример, судска наредба) ќе мора да обелоденат информации кои се дел од доверливоста.

За спроведувањето на овој договор Македонија треба да донесе закони и други постапки, додека за Британија не е наведено ништо. Договорот треба да трае 10 години.

Овој договор за реализација на инфраструктурни проекти го потпиша во Лондон на 22 мај вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и британскиот министер за извоз, Гарет Томас.

Во договорот, за кој треба да расправаат пратениците, не се наведуваат поспецифично моделите за финансирање, од каде ќе се земаат средствата, со колкава рочност и со каква камата.

Дента кога беше потпишан договорот министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, немаше детали што ќе значи оваа соработка за инфраструктурата.

Таа рече дека Николоски треба да каже и да дефинира јасно кои се проектите.

„Ќе мора да се седне и да се раговара со министерот за транспорт, тој да каже бидејќи е носител на проектот. Ќе каже и ќе дефинира јасно кои се проектите, а потоа ние како Министерство за финансии покрај тоа што ќе добиеме понуда од банката, ќе си побараме понуда и од други меѓународни институции зашто тоа го налага законот. Сега, во овој момент, не можам да зборувам за повеќе детали зашто немам зрел проект пуштен во МФ врз основа на кој ќе барам понуди од повеќе банки и ќе кажам колкава би била каматата“.

Ни во овој договор испратен до Собранието нема повеќе детали, повеќе е како рамка за соработка во инфраструктурата. (Н.В.)