Договорот со белгиската компанија АБЕЕ беше потпишан во мај 2023 година, вели Деспотовски
По повод почетокот на реализацијата на инвестицијата на АБЕЕ во Кичево, ексдиректорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, во писмена изјава вели дека Договорот за инвестицијата со белгиската компанија бил потпишан во мај 2023 година.
„Им честитам на ‘Авеста Батерис енд Инжинеринг’ (АБЕЕ) за официјалниот почеток на градежните работи во ТИРЗ Кичево. Особено ме радува што реализацијата на проектот се одвива според договорените рокови од Договорот за инвестиција, кој го потпишавме во мај 2023 година“, напиша Деспотовски.
Тој посочува дека оваа инвестиција, со вкупна вредност од 40 милиони евра, претставува важен чекор за развој на регионот, носејќи над 600 нови работни места. Ваквите проекти имаат директно влијание врз подобрување на животниот стандард на населението и отвораат нови перспективи за локалната економија.
„Она што е особено позитивно е дека новата Влада го продолжува тоа што го започнавме. Континуитетот во реализацијата на вакви стратешки инвестиции е клучен за просперитетот на нашата земја. Ова покажува дека кога во работата ја ставате Македонија на прво место, придобивките се за сите граѓани“, вели Деспотовски, додавајќи дека посакува успешна и брза реализација на овој проект, со надеж дека истиот ќе биде пример за многу други инвеститори кои веќе ја препознаваат Македонија како стабилна и атрактивна бизнис дестинација.