Договорот од Преспа виси на конец?
Основен услов и предуслов за да опстане Преспанскиот договор и да го издржи тестот на политичкото време е јавноста да го поддржи или барем да ја толерира неговата содржина
И покрај оптимистичките изјави и топлите реакции кои го одбележаа потпишувањето на Договорот од Преспа, едно е сигурно: дали овој договор ќе стане „историски“ ќе покаже само краткорочната и посигурно долгорочната иднина или, со други зборови, ако тој го издржи тестот на времето.
Јас лично верувам дека ова е тежок договор, главно во однос на неговото целосно и реално спроведување. Тоа е затоа што договорот претпоставува постоење, сега и во иднина, на позитивен „балкански исклучок“.Дозволете ми да објаснам што мислам со терминот:
1. Имплементацијата на договорот од двете страни на начин кој е сеопфатен, координиран и целосно усогласен со наведените заложби е спротивна на трендот на политички промени и ревизионизам што ја зафаќа Европа.
2. Договорот го зема здраво за готово постоењето на консензуални и стабилни политики во двете земји во полза на спроведувањето на договорот, како и постоењето на парламентарно мнозинство. Тоа зависи од нив за да биде остварливо. Така, основен услов е стабилна и истовремена политичка доминација на партиите и парламентарните мнозинства во Грција и во Северна Македонија кои го поддржуваат спроведувањето на договорот.
3. Премногу е ризично, дури и невозможно, можеби, да се прават какви било безбедни изборни предвидувања за која било од земјите-членки на Европската унија, вклучително и за нејзините основачи и клучни членки. Во исто време, очекуваме две балкански земји, и покрај сите нивни фундаментални разлики, да бидат позитивни исклучоци од европското владеење.
4. Договорот предвидува дека политичките пречки во Скопје и потенцијалните политички случувања во Грција можат да се надминат без да се плати цена. Континуираната политичка и социјална поддршка за договорот речиси се гледа како стандарден став. Континуираната поддршка беше третирана како засекогаш дадена и при потпишувањето на Договорот (конечен и неотповиклив во однос на неговото спроведување), како и при синхронизирањето на извршувањето на договорот во Атина и во Скопје.
5. Исто така, неизвесен е степенот до кој земјите-членки на ЕУ ќе сакаат да дадат зелено светло за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија. Доколку тоа не се случи на обврзувачки начин во блиска иднина, тогаш и договорот и владите во Скопје и Атина би можеле да бидат пред непредвидлив развој. Земјите-членки на ЕУ се заглавени во двоен вител, односно ревизионизам и во однос на европското законодавство и во однос на проширувањето на блокот кон Западен Балкан.
Како резултат на тоа, наоѓам причина во тврдењата дека постои ризик Договорот од Преспа да се најде како виси на конец, без потребната политичка и парламентарна поддршка. Ова значи дека посакуваната целосна имплементација би била неизвесна. Исто така, тешко ми е да видам како тоа ќе биде прифатено од јавноста. Затоа што основен услов и предуслов за да опстане договорот и да го издржи тестот на политичкото време е јавноста да го поддржи, или барем да ја толерира неговата содржина.
(Александрос П. Маљас е поранешен амбасадор на Република Грција во Македонија)