Додека Бајден беше во Киев, најмалку два авакси кружеа близу полско-украинската граница (фото)


Најмалку два авиони за набљудување на американските воздухопловни сили Боинг Е-3Б Сентри (попознати како АВАКС) кружеа во близина на полско-украинската граница за време на денешната посета на американскиот претседател Џо Бајден на украинскиот главен град. Авионите Боинг Е-3Б Сентри работат како воздушни системи за рано предупредување и контрола.

Авионите ги следат дојдовните закани, како што се проектилите, користејќи ги нивните познати радарски антени. Тие можат да вршат и други надзорни и комуникациски задачи. Авионите кружеа блиску до украинската граница за да откријат какви било закани додека американскиот претседател беше во од војна разурнатата Украина.

Тие почнаа да ја надгледуваат областа синоќа во 22 часот по украинско време, отприлика во времето кога Бајден го започна своето патување во Украина. Податоците за следење на летот не покажуваат од каде полетале авионите, познато е само дека првпат биле видени над Полска, пишува Скај њус.

Денеска американскиот претседател Џо Бајден ненајавено пристигна во главниот град на Украина, каде што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски. По тој повод најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 500 милиони долари и нови санкции против руските елити.