Доцниме две години, правиме сѐ Скопје да не ја изгуби титулата за Град на културата во Европа за 2028, вели Љутков

На програмата со која Скопје ја доби титулата за европска престолнина на културата во 2028, која ја дели заедно со Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција, Град Скопје, како носител на проектот, работи, а формирано е и Координативно тело од 13 членови кои одржаа веќе неколку состаноци, брифираше денес, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на новинарско прашање.
Не се знаат деталите од програмата, ( официјалната страница на Скопје 2028 не е ажурирана) зашто, како што рече, министерот, Министерството за култура само помага, не се знае ниту тимот кој ќе го организира проектот, ниту пак досега не е одржана ниту една тематска прес-конференција за Скопје 2028 . Се знае дека координативното тело го сочинуваат 13 члена, 10 на предлог на Град Скопје и тројца од Министерството за култура, брифираше Љутков. Не беа спомнати имиња.
Во септември 2023 во Брисел, во присуство на делегација на чело со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028.
„Доцниме две години на проектот, би било погубно да се случи да ни се одземе титулата за Скопје Европска престолнина на културата за 2028 , но дека како министерството ќе стори сѐ тоа да не се случи. Оваа титула ќе ни овозможи да ги покажеме нашата уникатно културно наследство и креативност, а истовремено да се поврземе со други европски култури. Во Скопје, како што истакнав, на претходна прес-конференција, се подготвуваат 6-7 мултифункционални центри за 2028, кога градот ќе биде Европска престолнина на културата, за кои не сме обврзани, ама се нафатифме, брифираше Љутков. И зградата на Централната пошта во Скопје ќе биде реновирана и ќе има намена за мултифункционален комплекс. На средбата со новинарите Љутков додаде дека Град Скопје треба да даде 25 милиони евра, на кои се обврзал, но нема потпишан документ за сума што би требало да ја вложи и Министерството за култура во проектот.
„Се надеваме дека до 2027 година ќе бидат завршени и во 2028 да ги имаме девет или десет, надвор од националните објекти кои ќе можат да ги примат и странските уметници за да можеме да им обезбедиме нормални услови за работа“, кажа Љутков. Како што спомна денес, одбор во Европската Комисија (ЕК) изразил загриженост од информациите кои ги добил од претставници од Македонија за активностите околу организирањето на настанот Скопје Европска престолнина на културата 2028.
Скопскиот Аквадукт, споменик на културата од особено значење и значаен белег на градот, ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД, како еден од адутите за Скопје Европска престолнина на културата во 2028.
„Се надеваме дека ќе ги видиме плодовите од овој комплексен проект до 2028 година, навреме за прогласувањето на Скопје за европска престолнина на културата“, рече, во декември, американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер. (Л.С.)