„Добро сум и на сигурно“, се јави Кастриот Реџепи со видео порака


Откако првенците во новиот опозициски фронт повеќе пати денеска изјавуваа дека Кастриот Реџепи наводно бил киднапиран, пратеникот од кој зависи дали ќе падне владата се огласи со видео порака и им порача да не се грижат и дека е добро.

„Добар сум, не се грижете за мене и им благодарам на сите за поддршката и разбирањето на моите ставови кои се во насока на зачувување на интересите на државата и евроатланската перспектива на сите нас.

Претседателот Билал Касами и останатите во Беса немаат потреба да бидат загрижени, јас сум добро и на сигурно, јас сум со Албанците и со сите граѓани на државата кои сакаат мир и просперитет во земјата и продолжување на НАТО и ЕУ курсот. Да се ангажираме сите за добро на државата, народот и демократијата, на сите, Албанци, Македонци и сите други кои живеат во Северна Македонија. Се гледаме наскоро. Ви благодарам“, вели Реџепи во пораката на Фејсбук.

Претходно Билал касами дури отиде во полиција да го пријави неговото наводно исчезнување само затоа што не дошиол во парламентот. И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за новинарите изјави дека се сомнева оти Реџепи е насилно задржен некаде. „Ова се методи од 16-тиот век. Се срамам што сум дел од ова политичко мочуриште“, рече Мицкоски.