Доаѓа најсилната бура во последните децении: „Многу заедници нема да преживеат“


Бурата Мелиса се приближува кон Јамајка со ветрови од 260 километри на час. Се очекува бурата да ги погоди Куба, Бахамите и Бермудите, а веќе остави значителни штети во Доминиканската Република и Хаити.

Ураганот Мелиса, откако ја помина Доминиканската Република, се засили во бура од петта категорија и се приближува кон Јамајка со ветрови од 260 километри на час.

Населението таму е загрозено од обилни дождови, поплави и лизгање на земјиштето. Националниот центар за урагани на САД предвидува дека Мелиса ќе ја погоди Јамајка во вторник наутро, носејќи 30 сантиметри дожд и бранови високи до четири стапки.

Еван Томпсон, генерален директор на метеоролошката служба на земјата, предупреди дека Мелиса може да биде најсилниот ураган што ја погодил Јамајка во последните децении. „Очекуваме значителни тешкотии со чистењето и проценката на штетите поради лизгање на земјиштето, поплавите и блокираните патишта“, рече Томпсон, според Гардијан.

„Не донесувајте глупави одлуки“
Бурата веќе уби три лица на Хаити и едно во Доминиканската Република, каде што околу 3.760 луѓе останаа без покрив над главата. Поплавите отсекоа 48 населени места, а училиштата и владините канцеларии беа затворени во четири од деветте провинции.

Безбедносните службеници и метеоролозите ја предупредуваат јавноста да преземе сите мерки на претпазливост и да ги избегнува ризиците. Најважно е да се следат официјалните предупредувања.

„Во следните неколку дена сме во многу сериозен период. Ве молиме не донесувајте глупави одлуки“, рече министерот за транспорт Дарил Ваз.

Засолништата се подготвени
Поради доаѓањето на бурата, двата меѓународни аеродроми во Јамајка беа затворени. Исто така, беа отворени 881 засолништа, а наредена е задолжителна евакуација за Порт Ројал во Кингстон и шест други ранливи области низ целата земја.

„Многу од нашите заедници нема да ги преживеат поплавите“, рече Дезмонд Мекензи, министер за локална самоуправа.

По Јамајка, се очекува ураганот Мелиса да ја погоди источна Куба, а потоа и југоисточните Бахами, пред да стигне до Бермудите во петок, а потоа да продолжи кон североисток.