ДИК: До 10 часот гласале 99.192 гласачи или 6,31 отсто
До 10 часот најголема излезност имало во општините Крива Паланка – 14,91 процент, Демир Капија – 13,24, Кратово – 12,46 и Берово – 11,06 проценти. Најниска излезност до 10 часот имало во општините Врапчиште – 1,16 отсто, Дебар – 1,29 и Боговиње – 1,31 отсто.
За излезноста на гласачите за избор на градоначалници на Охрид и Ново Село досега се обработени податоци од 99,08 отсто од избирачките места. Вкупен број на избирачи кои гласале во овие избирачки места се 4.062 или 6,38 отсто. Во Ново Село гласале вкупно 10,05 отсто од запишаните избирачи, а во Охрид до 10 часот излезноста е 5,59 отсто.
Гугучевска потсети дека гласачите имаат право на два вида приговори, за заштита на личното избирачко право и за постапката за гласање и сумирање резултати. Овие приговори гласачите можат да ги поднесувата на образец кој можат да го добијат на секое гласачко место или електронски на веб-апликацијата prigovori.sec.mk
Одговарајќи на новинарско прашање, Гугучевска рече дека за денешнтото гласање до ДИК нема пристигнато ниту еден приговор за постапката за гласање и за заштита на лично избирачко право.
Таа информира дека вчера се гласаше во странство, во 32 дипломатско конзуларни претставништва. Вкупно 1.781 гласач имаа право на глас, а од нив според првичните информации што ги добиле од избирачките одбори што го спроведуваа гласањето таму, гласале 828 или 46,49 отсто. Највисока излезност имало во Вашингтон – 88,46 отсто, Отава – 80 отсто, Сараево – 78,57 отсто. Во казнено поправните установи имаа можност да гласаат 1.640 гласачи. До 19 часот, според информациите од избирачките одбори што го спроведоа гласањето, гласале 74,13 отсто од запишаните. Се гласаше и во два домови за стари лица, како пилот проект на ДИК. Од 71 гласач кои биле запишани, 65 гласачи го оствариле своето гласачко право. Вчера гласаа и 4.407 гласачи кои се пријавија до општинските изборни комисии како болни и немоќни, како и 12 гласачи кои се пријавиле како лица од куќен притвор.
– Според податоците од општинските изборни комисии, најголем дел од овие гласачи го остварија своето право во текот на вчерашниот ден, рече Гугучевска.
Првата прес-конференција на ДИК беше и на знаковен јазик, а следната прес-конференција е предвидена за 13:30 часот, кога ќе бидат соопштени податоци за излезноста до 13 часот.
Фото: Б. Грданоски