До 10.000 евра обесштетување за жртви на насилство – ако немаат насилниците, ќе плаќа државата


Право на обесштетување имаат жртвите на дела со насилство што се казнуваат со затворска казна над четири години, а единствен услов е насилството да биде пријавено во полиција или во Обвинителство, пишува Слободен печат.

До 10 илјади евра вкупно обесштетување од државната каса може да добие жртва на кривично дело со насилство во случаите кога обесштетувањето не може да се наплати од сторителот, предвидува предлог-законот што вчера беше на дневен ред во законодавно-правната комисија во Собранието. Право на обесштетување имаат жртвите на дела со насилство што се казнуваат со затворска казна над четири години, а единствен услов е насилството да биде пријавено.

Обесштетување од државата им следува на жртвите на насилник, силувач, трговец со луѓе, терорист итн. Во овој закон се опфатени дела сторени со примена на физичка сила, родово базирано насилство, засновање ропски однос, трговија со луѓе, трговија со дете, дела против половата слобода и половиот морал или дела со кои со општоопасно дејство или средство се доведува во опасност животот или имотот на лицето, дело што предизвикало смрт, тешки телесни повреди или тешко нарушување на физичкото или на психичкото здравје на едно или на повеќе лица.

Овој закон се подготвува повеќе години, а целта е усогласување со меѓународните стандарди, но и со Законот за кривичната постапка. Предлагач е Министерството за правда, од каде што објаснија дека целта, меѓу другото, е и да се обезбеди инструмент за закрепнување на жртвите што ќе добијат некаква правда за страдањата, како и поголема можност со парите од отштетата да ги надминат траумите со советувања, третмани, рехабилитации итн.
Во Предлог-законот е наведено дека жртвата има право на надоместок на материјална штета, и тоа за здравствена заштита и за медицински помагала, за изгубена заработувачка, за трошоци за погреб и за изгубена издршка, како и за нематеријална штета за претрпена душевна или физичка болка, страдање и за страв.

Износот за надоместок на жртвата по сите основи за материјална штета не може да го надмине износот од вкупно 5.000 евра во денарска противвредност. Право на надоместок имаат непосредната, но и посредната жртва, односно ако со насилството настапила смрт на жртва, обесштетување може да земе партнер, дете, внук, родител, дедо, баба, брат, сестра и секој што живее со тоа лице во трајна заедница. Во овие случаи максималниот износ што може да се исплати е 5.000 евра.

Непосредната жртва има право на надоместок за изгубена заработувачка што настанала како последица на кривичното дело сторено со насилство и за ваков случај се исплатува еднократно во максимален износ до 2.000 евра. Вкупното обесштетување по сите основи за една жртва не може да надмине 10.000 евра.

За обесштетувањата ќе одлучува посебна комисија, која ќе биде формирана по донесувањето на законот.