Дневник од карантинот на еден актер (15)


ВАСИЛ ЗАФИРЧЕВ

 

„Лошото време го прават лошите луѓе и нема лошо време што е подалеку од луѓето.“ Петре М. Андреевски, „Пиреј“

Најголемиот астероид во орбита помеѓу Јупитер и Марс „Церера“ го започна своето ретроградно движење, донесувајќи разочарувања, откажувања и уништувања на одредени вредности. Последнава недела дури пет астероиди поминаа покрај Земјата, а на небото од северната хемисфера видлива е и најсјајната комета во последната декада „Неовајс“. Летово три мисии тргнуваат кон Марс. Покрај НАСА, и Обединетите Арапски Емирати и Кина испраќаат роботизирани летала за истражување на „Црвената планета“. Во Африка, во вулканските седименти на селото „Енгаре Серо“ во Танзанија, откриени се повеќе од 400 отисоци од човечки стапала стари околу 10 илјади години, кои отвораат нов поглед на животот на древните источноафрички ловци-собирачи од доцниот плеистоцен. Научниците од Државниот универзитет во Колорадо потврдија дека најчистиот воздух на светот се наоѓа на Јужниот океан околу Антарктикот. Плажите во Рио де Жанеиро остануваат затворени до пронаоѓањето вакцина против короната, а со светлечко шоу на 300 дронови над реката Хан во Сеул, Јужна Кореја ги потсети граѓаните на миење раце и носење маски. Мечокот Бруно стана интернет ѕвезда откако помина над 600 километри низ Илиноис, Ајова и Мисури во потрга по љубов. Морничави се фотографиите на лилјак со големина на човек снимени на Филипините.

Откако банкарскиот систем е во колапс, а долговите пораснаа на 360 милиони евра, сега заради економската криза предизвикана од пандемијата, Сан Марино може да биде првата европска држава пред банкрот, но и пред опасност поради долгот да ја изгуби својата 1300 години стара самостојност. За првпат во последните 100 години, ширењето на вирусот во Австралија ја затвори граничната линија меѓу двете најнаселени сојузни држави Викторија и Нов Јужен Велс. Додека светот се бори со пандемијата на корона вирусот, во Монголија е потврден случај на бубонска чума, „црната смрт“ од средниот век која само во Европа уби над 50 милиони луѓе. Во Казахстан се појави и нова смртоносна болест која предизвикува чудна и непозната пневмонија и која за шест дена уби 451 лице, а 32 илјади се заразени. Владата на САД и официјално нема да ги финансира СЗО, CDC и Фондацијата Гејтс поради измама со вакцини за кои не постои тест за квалитет. Најголемата христијанска црква „Света Софија“, изградена во шестиот век, претворена во џамија во 1453 година, а од 1934 година со статус на музеј, прогласена за споменик на светската култура од УНЕСКО, сега повторно ќе биде пренаменета во верски објект. Поради загриженост за здравјето, Швајцарија ја прекина имплементацијата на 5Г мрежата, Норвешка сосема ја укина „корона“ апликацијата по големите критики за нарушување на приватноста, а и мнозинството граѓани на Германија е против употребата на дигиталната алатка за следење на локацијата на заразените со Ковид-19.

Додека СЗО признава дека корона вирусот засега не може да се искорени, а нејзин тим научници отпатува во Кина за да го испитува потеклото на вирусот од кој загинаа повеќе од половина милиони луѓе ширум светот, кинеските научници потврдија дека уште во 2013 година, во еден напуштен рудник во југозападна Кина, го откриле најблискиот роднина на короната со 96,2 проценти генетска идентичност, поврзан со неколку смртни случаи предизвикани од респираторна болест налик на Ковид-19. Најновите модели на истражувачите сугерираат дека речиси 20 отсто од луѓето се суперширители на вирусот заслужни за 80 отсто од инфекцијата, а со проучување на мискроскопски фотографии, научници од Калифорнија открија дека короната ги претвора човечките клетки во зомби, охрабрувајќи ги да ослободат пипала со кои можат брзо да се шират низ целото тело. Израелскиот институт за биолошки истражувања објави антитело кое го неутрализира корона вирусот, дури и меѓу заразените, со што се отвора можност за развој на првиот противотров кој ќе може масовно да се произведува и комерцијализира. За лекување на заболените, Русија го одбри третиот антивирусен лек „коронавир“ многу ефикасен во спречување на размножувањето на вирусот, а потенцијална терапија против болеста е и американскиот лек „брилацидин“, кој ја намалува заразноста на белодробните станици до 97 отсто. За заштита од вирусот, иноваторите ја создадоа првата целосно транспарентна маска со функција за самочистење која го олеснува дишењето двапати повеќе во споредба со обичните маски, а израелска компанија ја претстави новата генерација маски за лице кои го уништуваат корона вирусот, благодарение на материјалот кој во себе содржи бакарен оксид и има антивирусни и антибактериски својства.

По пакетот мерки од дури 1,57 милијарди фунти за помош на музичката индустрија и секторот за настани, Велика Британија дозволи одржување на концерти, фестивали и театарски претстави на отворено. По ревија на реката Сена, од 18 јули Париз го добива и првото пловечко кино. А од 1 август се отвораат и театрите во Москва, но со ограничување на публиката до половина од капацитетот. По три месеци битка со короната, животот го загуби ѕвездата на бродвејските претстави, актерот Ник Кордеро. Од бањите на своите домови, 27 елитни балетски играчи од познати танцови компании низ светот изведоа модерна верзија на „Лебедово езеро“ во кореографија на Coray Baker Dance. На платото пред МКЦ во Скопје, електроакустичен концерт одржа пијанистката Дуња Иванова, а албумот „Македонисимо“ на пијано виртуозот Симон Трпчевски и пријателите излегува во август под престижната британска етикета „Лин рекордс“.

Изборите среде корона-кризата поминаа во мирна атмосфера, а по хакерскиот упад во системот на ДИК и хаосот во резултатите од гласачките места, со тесна разлика на освоени гласови победи коалицијата „Можеме“. На Инфективната клиника во Скопје почина најмладата пациентка од короната на само 24 години. А во градската болница „8 Септември“ успешно е излекуван 20- годишен пациент кај кого Ковид-19 предизвикал воспаление на мозокот. Преку COVAX механизмот, Македонија се приклучува кон глобалната набавка на вакцини. За поуспешно справување со кризата, во 16 општини низ државата ќе се формираат регионални ковид центри, а ќе се гради и нов монтажен објект на Клиниката за пулмологија. Со извршени 16 несродни трансплатации на Клиниката за хематологија, државата се најде на мапата на светските медицински центри за лекување на најтешките заболувања на крвта.

Епидемијата е една од главните теми и на првиот роман на Петре М. Андреевски „Пиреј“ од 1980 година. Ремек дело на македонскиот модернизам кое суверено може да им парира на многу автори и наслови од светската книжевност. Токму од епидемија на колера која ја носат разните војски во периодот на балканските војни и Првата светска војна, умираат сите деца на Велика, главната хероина на романот, која иако навидум фиктивна, станува симбол на македонската жена што во себе ја носи сликата за нашите баби и прабаби. Со своето неверојатно познавање на човечката психологија, но и извонредната дарба за раскажување, Андреевски маестрално ги отсликува темните и безнадежни слики на војната и последиците од неа, изразувајќи го притоа својот патриотизам и големата љубов кон својата земја и историјата на својот народ, кој е неуништлив како и пирејот.

После многуте униженија и падови, а малкуте светли точки за радост и гордеење, стана ли оваа земја стара илјадници години како таа коштрева која од ништо не умира? Се претвори ли овој народ уморен од чекање во тој троскот кој ништо не го ништи и кој секогаш преживува, за инат и наспроти сè? И по неполни 30 години независност, заборавајќи дека државата е пред сè наша грижа и одговорност, ние сè уште лутаме меѓу вредностите на демократијата и замките на автократијата. Жестоко поделени во единството како нужен степен на зрелоста, никако не успеваме да стигнеме до иднината или барем до јасната визија за неа. Додека политиката од систем на вредности целосно се претвори во пазар на интереси, во кои народот секогаш бил само средство, а никогаш цел, животот стана талкање по бескрајната угорница на европскиот просперитет од која постојано паѓаме.

И така преживуваме од еден датум за прием до друг, од еден циклус на избори до друг, но со упорна надеж за конечно остварување на толку посакуваната цел со која ќе заврши нашето талкање, нашето постојано паѓање. И додека едни си одат, а други доаѓаат, земјата останува. Но нашиот живот поминува и никогаш не се враќа. А заедно со него и младоста, пропуштените шанси и сите изгубени можности. Сосем е во право единствениот Андреевски дека човек не треба во ништо да верува, во ништо да не се надева. Слободен е само оној човек кој ништо не очекува. Затоа и ништо не може да го изненади.

(Васил Зафирчев е актер)