ДКСК: Законот за игри на среќа овозможува финансиски малверзации и перење пари


Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), правејќи проверки на имотно-правна состојба на избрани и именувани функционери и вистинитоста на доставените податоци, открила злоупотреба на лични податоци и сомнежи за перење пари од страна на обложувалници. Таа побара итно да се направи антикорупциска проверка на Законот за игри на среќа и  на законот за регулирање на исплатата во кеш.

При проверката ДКСК открила можна злоупотреба на личните податоци на граѓаните од спортските обложувалници и можно перење на пари, така што на нивните даночни пријави биле додавани суми за кои тие не знаеле. ДКСК апелираше до играчите на среќа и граѓаните да си ги проверат даночните пријави бидејќи има случаи на губење на социјална помош, крадење на лични податоци, земање на кредити…

– Известени се МВР, Финансиската полиција, Финансиското разузнавање, управата за јавни приходи за да ги проверат сомневањата за можни финансиски малверзации од страна на обложувалниците. Од финансиската полиција не известија дека ова не е изолиран случај, дека покрај нашата пријава и голем број на граѓани пријавиле голем број на обложувалници за слична содржина и дека тие активно постапуваат по пријавите, а за резултатите од предистражната постапка по известувањето на надлежното обвинителство ќе ја информираат и ДКСК. Кратко кажано, не постои регулатива за пропишан систем за евиденција на играчи кај уплата на влоговите и издавањето на уплатниот тикет од уплатата што е единствен доказ за подигнувањето на добивката, односно нема можност да се контролира исплатата во кеш, дека им се исплаќа на рака а не се става на трансакциска сметка, истакна Трпеноски од ДКСК.

Информирајќи за случајот, тој рече дека од Управата за јавни приходи објасниле дека во тој процес технички и оперативно е невозможно да се врши надзор и контрола од страна на која било институција во државата за тоа дали операторот на уплатното место ги внесува личните податоци на вистинскиот добитник со оглед на тоа што во текот на едно деноноќие се вршат повеќе илјади исплати на ниво на државата. Во овие услови, како што појасниле од УЈП, не постоело можност за откривање и спречување на овие појави за злоупотреба на личните податоци, како од правно нормативен така и од оперативен технички аспект. Ова, според него, значи дека има голем системски пропуст и дека Законот за игри на среќа „дозволува финансиски малверзации односно перење пари или сомнеж за кое било кривично дело“. Членовите на ДКСК  предложија  средби со надлежните институции за што е можно поскоро решавање на случајот и системските пропусти.

На седницата исто така беше затворен случајот со поранешниот народен правобранител Иџет Мемети и наводите што до ДКСК биле доставени анонимно и притоа беше констатирано дека е постапувано по закон.