ДКСК со кривична за Арсовска – незаконски назначила директори на МКЦ и на ЗОО Скопје

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) оценува дека назначувањата на в.д. директорите на Младинскиот културен центар (МКЦ) и Зоолошка градина биле незаконски и донесе и одлука за поведување кривична постапка против градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
Според Антикорупциската комисија, Арсовска го прекршила законот со именувањето на Никола Алексов и Драган Илиевски за в.д директори иако тие не биле вработени во овие јавни установи.
Тоа е спротивно на чл. 31 од Законот за култура кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само шест месеци.
Според претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, се бара од Јавното обвинителство да поведе постапка за кривично гонење на Арсовска поради сомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.
Од Град Скопје се јавија со реакција, сметајќи дека ДКСК наместо да се занимава со она што е нивна надлежност и да констатира корупција, тие се занимаваат со тривијалности и исполнување политички агенди.
„Членовите на ДКСК ќе мора да ја докажат и сопствената надлежност во постапувањето по овој ‘предмет’ пред соодветна судска инстанца“, стои во соопштението на Одделението за односи со јавност на Град Скопје.
Во врска со случајот, Управниот суд минатиот месец утврди дека е незаконско решението на градоначалничката Арсовска за именување на привремениот директор на МКЦ.
Претходно и колегиумот на МКЦ реагираше дека Алексов, детектив по вокација, е незаконски поставен на директорската позиција, кога во јавноста се проширија реакции за смената на претходникот Ванчо Богоев и кратењето на буџетот на МКЦ.