ДКСК ќе отвори предмет за „Еуровиа“, Бектеши ќе возврати на ВМРО-ДПМНЕ


Поради ризици за политичка поврзаност, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одлучи да отвори предмет во врска со градежната фирма „Еуровиа“, која го доби тендерот на Министерството за надворешни работи (МНР) од 1,8 милиони евра за реконструкција на салата „Борис Трајковски“.

„ДКСК утврди дека во конкретниот случај постојат елементи за надлежност на Комисијата и од аспект на материјалноста бидејќи се работи за високи износи, но и за ризици за политичка повзаност“, изјави претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Фирмата од тетовско Желино, чиј извршен директор е Елмедин Адеми – роднина на поранешниот министер од редовите на ДУИ, Абдилаќим Адеми, е избрана меѓу четирите компании што се пријавиле на тендерот. „Еуровиа“ ја доби јавната набавка од 1,8 милиони евра за адаптација на салата „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје во декември годинава.

Коментирајќи ги објавите во медиумите дека токму фирма блиска до ДУИ ја добива јавната набавка тешка 1,8 милиони евра, Министерството за надворешни работи, со кое раководи Бујар Османи од ДУИ, деновиве во неколку наврати објави дека избраната компанија понудила најниска цена од сите што се пријавиле на тендерот.

Во меѓувреме, директорот на „Еуровиа“, Елмедин Адеми, се огласи преку писмено соопштение, велејќи дека нема ништо незаконски во тендерската постапка за адаптацијата на салата „Борис Трајковски“. Додава дека нема да ја поттикне својата компанија да се повлече од јавните набавки оти, како што вели, носи морална и законска обврска да управува со компаниите на групацијата без да ја ризикува иднината на некој од своите 250 вработени.

Адеми во соопштението се осврнува и на објавите во медиумите оти „Еуровиа“ е донатор на ДУИ и вели:

„Мојата врска со ДУИ, донирањето што се нагласува кон Демократската унија за интеграција и вредноста на донацијата, се невистинити. Конкретно, ‘Еуровиа’ со матичен број: 6630294 и Даночен број: 4028010513380 не извршила никакви донации кон политичкиот субјект ДУИ!“

Во соопштението не пишува која „Еуровиа“ со кој даночен број донирала со оглед на тоа што има неколку фирми кои го содржат името „Еуровиа“, а се поврзани со истоимената групација.

Со реакција се јави и министерот Крешник Бектеши кој порача дека е неетички од страна на ВМРО-ДПМНЕ да обвинува за тендерско влијание на поранешен министер на ДУИ кој одамна е починат. Наедно тој излезе со опасни контраобвинувања дека бивши министри на оваа партија сега се јавуваат како сведоци против државата во спорови покренати од странски компании и за договори што се склучувале во нивно време, а за кои на Македонија и се заканува оштета од речиси милијарда евра ако ги изгуби. Според Бектеши еден од тие поранешни министри кој добил функција и акции во таква странска компанија денес сведочел против Македонија и тој наскоро ќе го објави неговото име. Според описот можное да станува збор за екс министерот Иво Ивановски кој стана менаџер во Телеком Австрија откако оваа компанија успеја да ги стопи „Оне“ и „Близу“ на нашиот пазар и ја избриша конкуренцијата.