Дизни планира масовни отпуштања. Илјадници работници би можеле да ги изгубат своите работни места


Компанијата „Волт Дизни“ се подготвува за укинување на илјадници работни места, при што од некои менаџери е побарано да планираат намалување на годишните трошоци за 20 проценти, објави денес Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.

Заштеди би можеле да се постигнат и со укинување на работни места и со намалување на други видови трошоци, велат истите извори, кои сакаа да останат анонимни, бидејќи дискусиите се од доверлива природа.
Некои делови од бизнисот на Дизни, вклучувајќи ги тематските паркови, ТВ каналите и филмските студија, ќе бидат непропорционално повеќе погодени од овие мерки, проценува Блумберг.

Извршниот директор Још ДАмаро планира да реинвестира дел од заштедите во филмски и телевизиски програми, технологија, како и во бизнисот со тематски паркови и крстарења, според изворите.
Во последните години, Дизни ги намали трошоците за милијарди долари и отпушти илјадници работни места, а намалувањата влијаат на сите сектори, вклучувајќи ги ABC, Pixar, ESPN и филмското студио.
На крајот од минатата фискална година, компанијата вработуваше 231.000 луѓе ширум светот.

Волстрит журнал објави на почетокот на октомври дека Дизни планира да го реструктуира својот телевизиски оддел, како и да го намали бројот на вработени во правниот оддел и одделот за глобални работи.
Други компании во индустријата за забава, вклучувајќи ги Нетфликс, Парамаунт и Ворнер Брос, исто така, намалија работни места.
Причината за ова лежи во падот на приходите од традиционалната телевизија и забавувањето на бројот на претплатници на стриминг услугите.
Покрај тоа, овие компании се соочуваат со фактот дека гледачите сè повеќе се свртуваат кон социјалните мрежи, онлајн видео содржините и платформите за стриминг поддржани од технолошки гиганти како што се Амазон и Епл.