Дивоградбите на Попова Шапка ќе може да се легализираат

Сите кои имаат нелегално изградени објекти на Попова Шапка ќе можат да ги легализираат своите објекти, шест месеци по стапувањето на сила на новиот закон


Не се знае точно колку објекти би имало за легализација на Попова Шапка

 

На Попова Шапка има регистрирано околу 90 викенд-куќи кои се нелегално изградени, за кои нема ни Детален урбанистички план, но со новиот закон за легализација на дивограби, министерот за животна средина Насер Нуредини потврди дека ти ќе можат да се легализираат.

„Тие кои се наоѓаат во зона за одржливо користење и заштитениот појас на подрачјето може да се легализираат. Нормално дека Попова Шпка е во заштитениот појас бидејќи ние имаме студии со кои ќе се развие Попова Шапка да биде еден ски-центар и да имаме добра инфраструктура таму за туризмот“, рече Нуредини на заедничката прес-конференција со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на која го презентираа новиот закон за легализација предложен од Владата.

Тој сугерираше дека на Општина Тетово е да регистрира колку дивоградби има таму и тие ќе можат да се легализираат.

Според него, со овој закон се овозможува да се легализира тоа што во стварноста постои, или треба да продолжи државата да ги игнорира тие објекти, а сепак да не се дозволи понатамошна изградба на објекти во заштитени зони. 

„Како што кажа и министерот Бочварски ќе имаат шест месеци време да ги легализираат и мислам ние како Влада и сите локални власти, ако не легализираат тие што сега можат, поsле тоа да рушат“, додаде Нуредини.

Инаку, со Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, Владата предвидува дека нема да бидат легализирани сите видови на дивоградби изградени во рамки на заштитните подрачја утврдени со Закон, изјави  Нуредини .

Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти предвидува можност за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година.

„Истото е предвидено за сите видови бесправни објекти изградени во границите на охридскиот регион, кои се утврдени дека не се во согласност со Планот за управување со светското и културно наследство во регионот на Охрид. Ова подрачје има непроценлива природна, културна и универзална вредност и во него ќе може да се спроведе легализација само на објектите што се во Планот за управување“, додаде Нуредини.

Во однос на природно заштитното подрачје, министерот посочи дека нема никаква легализација во зоната на строга заштита и зоната на активно управување.

„Ова значи дека ќе се дозволи само на оние објекти што се со намена А1, односно куќи за домување во зоната за одржливо користење и заштитниот појас на подрачјето. На овој начин ќе излеземе во пресрет на граѓаните кои не можеле да ги регулираат своите нерешени имотно-правни односи“, вели тој.