Дистанца


ЛЕЈЛА САБИТ

Како и молкот, некогаш раскажува илјада збора, а некогаш да бидеш дистанциран вреди злато

 

Да живееш на дистанца, да влијаеш од дистанца , да се дружиш на дистанца беше привилегија и вештина на малкумина, а сега социјалната дистанца  ни ги спасува животите и планетата.

Како и молкот, некогаш раскажува илјада збора, а некогаш да бидеш дистанциран вреди злато.

Дистанцата во превод значи да бидеш златна средина, ниту на врвот, ниту на дното, ниту мал, ниту голем, ниту генијалец, ниту идиот, ниту многу дарежлив, ниту скржавец, ниту ангел, ниту ѓавол, да имаш, а да не те знаат, ако немаш-никому ништо, едноставно да бидеш човек кој нештата ги гледа од далечина, близината често ве прави субјективен, а одлуките-пристрасни.

Блиските контакти од прв, втор или трет вид често можат да им наштетат на семејството и на професијата, а сега ако не внимавате, вирусот така најлесно се пренесува, заразува и убива.

Куртоазијата е релативно непозната на Балканот, одомаќена е во Европа, особено во Скандинавија каде се шегуваат дека не мораат граѓаните да се изолираат, тие се и така изолирани меѓу себе.

За време на полициски час, улиците се празни, а луѓето се затворени по дома.

Вревата ја замени тишината, семејството сега е поважно од сеирот.

На некој му добредојде, некој не може да се навикне, на некој му е нормално, а на некој премногу туѓо.

Како кога некој не може да заќути, а некому со клешти мора да му вадите зборови.

Ова е време кога треба да знаете кога е време за молк, а кога е време да се премине од зборови на дела, кога е време за „за“, а не за „против“, кога е време да реагирате, а не да помислите баш ми е гајле, кога е време да одите напред, а не назад.

Животот е непредвидлив, компромисот и малите нешта се клучниот збор.

Во домот, со најблиските, повеќе оптимизам од песимизам.

Секој заслужил да ја живее дистанцата како што сака.

Пролетта е убава и од отворен прозорец, нели?