Директорот разрешен, Таравари најави раскин со Данела Арсовска, но не со ВМРО-ДПМНЕ


Фото: Б. Грданоски

 

Во оваа зовриена атмосфера може да пукаат и политички сојузништва. Откако ноќеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го разреши в.д. директорот на „Комунална хигиена“, Зуди Енузи, високиот член на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, објави дека неговата партија ја прекинува соработката со неа. Цуфи Кока беше идентификуван како човекот кој мавташе со пиштол вчера кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје за време на протестот против францускиот предлог и тој му е брат на директорот Енузи. Христијан Мицкоски веднаш објави дека тој сакал да го убие него, за подоцна малку да ја прошири изјавата, велејќи дека можело да има и други цели.

Арбен Таравари, кој е и градоначалник на Гостивар, денеска во Студио 10 на ТВ 24 изјави дека протестанти демолирале приватен хотел,  а ако се потврди дека директорот е разрешен завршува приказната на Алијансата со Арсовска. „Ако е резрешен, треба градоначалничата да нѐ консултира нас и ова го кажувам во мое име, не партиско. Денеска ќе имаме состанок и тука завршува нашата соработка со Данела Арсовска. Таа го разрешила, а не ВМРО-ДПМНЕ“, рече Таравари. Иако е јасно дека Арсовска не може да прави ништо без оние што ја поддржаа за градоначалник.