Директорот на ЈСП – Скопје поднел оставка, Град Скопје тврди дека му завршил мандатот


Фото: Независен

Директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски си поднел оставка само пет месеци откако беше назначен од скопската градоначалничка Данела Арсовска, дознава СДК.

Јавното претпријатие е во лоша финансиска состојба со години и се одржува од субвенции кои месечно надминуваат милион евра.
 

Илиевски е втор директор од тимот на градоначалничката Арсовска кој си заминува од функцијата. Директорот на ЈП „Градски паркинг“ Филип Пасху си замина од функцијата само десет дена откако беше поставен за в.д. директор. Потоа Арсовска за директор го постави Бојан Христовски.

На досегашниот прв човек на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски му престанал мандатот како в.д. директор, а постапката за избор и именување на нов в.д. директор на ЈСП е во тек, информираат од Град Скопје.

– На досегашниот директор градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му се заблагодари за досегашната професионална соработка во Јавното сообраќајно претпријатие, кое го наследи со огромни милионски долгови и кој покрај лошата состојба во која беше затекнато јавното претријатие со неговиот добар менаџмент и посветена работа, претпријатието го остава во добра организациска поставеност, решен голем број на проблемите како на граѓаните така и на вработените. Од преземањето на функцијата, во рок од еден месец, в.д директорот Иван Илиевски во ЈСП презема повеќе мерки за зголемување на бројот на автобуси на сите линии, а вратени беа во функција и повеќе линии кои речиси две години беа времено укинати – информираат од Град Скопје.